Средствата обезбедени под поволни услови од унгарската Експорт-импорт банка не ги гледаме како трошок за буџетот, туку како инвестиција во економскиот раст, наведува министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во објава на Фејсбук.
Според неа, Владата пред повеќе од две години ја препознала потребата да им обезбеди подостапно и поповолно финансирање на компаниите што имаат потенцијал и идеи за развојни инвестиции.
– Заедно со бизнис-секторот и банките креиравме модел со кој 250 милиони евра се ставија на располагање за развојни инвестиции во домашниот приватен сектор, под најповолни услови и со лесен пристап до крајните корисници – наведува Димитриеска-Кочоска.
Првата транша била исплатена во март минатата година, а досега во домашната економија се пласирани вкупно 239 милиони евра. Според министерката, средствата поттикнале инвестициски циклус во приватниот сектор и придонеле за зголемено производство, нови вработувања и поголема конкурентност на домашните компании.
– Интересот покажа дека мерката одговара на реалните потреби на бизнисот. Во проектот влеговме со јасна цел – преку поддршка на приватните инвестиции да поттикнеме значаен инвестициски циклус во домашната економија. Ефектот е поголем бидејќи средствата што ги обезбедува Владата се надополнуваат со сопствени средства на компаниите – посочува таа.
Како охрабрувачки показател, Димитриеска-Кочоска го наведува растот на корпоративното кредитирање, кој во периодот на спроведување на мерката во просек изнесувал 15 проценти годишно. Од март минатата година до јуни годинава, годишниот раст се движел меѓу 13,5 и 16,5 проценти.
Растот на бруто-домашниот производ во првиот квартал од 2026 година изнесувал 3,1 процент, по растот од 3,5 проценти во последниот квартал од 2025 година и од 3,8 проценти во вториот и третиот квартал. Според министерката, значаен придонес кон економскиот раст имаат јавните и приватните инвестиции, а позитивни сигнали се забележуваат и кај извозот, индустриското производство и вработеноста.
– Поддршката за домашниот бизнис ја гледаме како инвестиција во растот на економијата. Економските политики треба да се мерат преку конкретните резултати и промените во реалната економија. Целта на Владата е јасна: повеќе инвестиции, зголемено производство, посилни домашни компании, нови работни места, конкурентна домашна економија и одржлив економски раст – истакнува Димитриеска-Кочоска.
Таа додава дека Владата ќе продолжи да креира и спроведува мерки што ќе им овозможат на компаниите да растат, да инвестираат и да создаваат нова вредност за економијата.































