Фото: МВР/Фејсбук / Илустрација

Вкупно 1.576 прекршоци за пречекорување на дозволената брзина констатирала сообраќајната полиција во периодот од 3 до 9 август 2026 година, во рамки на засилените акциски контроли.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека контролите биле спроведени во рамки на ROADPOL Operation Speed, паневропска координирана оперативна активност во која учествуваат сообраќајните полициски служби од земјите членки на ROADPOL.

Во текот на акцијата, полициските службеници континуирано ја следеле и мереле брзината на движење на возилата, со посебен фокус на патните правци и локации на кои, според сообраќајно-безбедносните анализи, постои зголемен ризик од сообраќајни незгоди поради несоодветна и неприлагодена брзина.

„Со учеството во ROADPOL Operation Speed, сообраќајната полиција продолжува со активностите за унапредување на безбедноста на патиштата, превенција на сообраќајните незгоди и зајакнување на меѓународната полициска соработка во рамки на ROADPOL“, велат од МВР.

Оттаму додаваат дека ваквите активности се дел од континуираните напори за намалување на бројот и последиците од сообраќајните незгоди, зголемување на дисциплината во сообраќајот и создавање побезбедни услови за сите учесници во сообраќајот.