Фото: „Нова Македонија“

Втор смртен случај од западнонилска треска е регистриран во земјава. Станува збор за 72-годишен скопјанец, кај кого лабораториски била потврдена инфекција со вирусот West Nile и била утврдена тешка клиничка слика на менингоенцефалитис.

Информацијата денеска ја соопшти директорот на Инфективната клиника во Скопје, Фадил Цана.

 – Поради транспарентност и коректно информирање на јавноста, сакам да информирам дека, за жал, кај пациент на 72-годишна возраст со лабораториски потврдена инфекција со West Nile вирус и тешка клиничка слика на менингоенцефалитис, настапи смртен исход – изјави Цана.

Тој појасни дека пациентот уште при приемот бил во тешка општа состојба, со изразена невролошка симптоматологија. И покрај интензивното лекување и континуираното следење, неговата здравствена состојба прогресивно се влошувала.

Во моментов на Инфективната клиника се хоспитализирани 24 пациенти. Кај 19 од нив лабораториски е потврдена инфекција со вирусот West Nile, додека пет пациенти се суспектни и се во тек дијагностички постапки.

Седум од хоспитализираните се во потешка клиничка состојба и се под интензивен медицински надзор. Петмина од нив се на механичка вентилација. Останатите пациенти се лекуваат на Одделот за невроинфекции и, според Цана, се во стабилна состојба.

Директорот на Клиниката нагласи дека состојбата на сите хоспитализирани пациенти континуирано се следи и оти јавноста навремено ќе биде информирана за секоја позначајна промена, особено кај пациентите со потешка клиничка слика.

Ова е втор смртен случај од западнонилска треска во земјава. Претходно почина 83-годишен пациент, кој исто така бил хоспитализиран на Инфективната клиника со тешка форма на воспаление на мозокот и мозочните обвивки.

Цана посочи дека сите пациенти се повозрасни и имаат придружни заболувања. Таков бил и 72-годишниот пациент кај кого денеска настапил смртен исход.