Тие што вчера брусеа шахти, денес бројат сончеви зраци на знамето. Се нарекуваат нордистанци – опскурна секта чија основа е интелектуалната бижутерија на граѓанството луѓенца или како што ги нарече нивниот гуру: шуто и рогато, малку се поекстремни од „Јеховините сведоци“, „Филијалата на Дејвид“ или „Храмот на луѓето“ на Џим Џоунс – овие веруваат дека промената на името Македонија и откажување од историјата може да ти ги плаќа сметките и да ти донесе материјална благосостојба, но она што е најважно, секогаш ја изненадуваат јавноста со несвојствени методи на практикување на својата нордистанска религија, која, мора да се признае, многу е фанатична.
И еве ги, повторно изненадија. Ние што со фасцинација го следиме патот на овие чудни Соросови сведоци, кои преку своите НВО-филијали го слават храмот на луѓенцата, тамам ја дешифрираме мистеријата со брусење шахти, а веќе сме затечени од оваа нова окултистичка акција каде што броењето сончеви зраци на државното знаме се рашири како епидемија со езотерични симболика недофатлива за нашите скромни умствени капацитети. А не дека сум окултистички неписмен, оти сум ѕирнал во учењата на Хермес Трисмегист, Орфичките мистерии, Мајстор Екхарт, Мадам Блавацка или Алистер Корули, ама со вака комплексен кодекс за дејствување каков што применува сектата на нордистанците, никогаш досега не сум се среќавал. Во почетокот мислев дека се продолжена рака на херметичкиот култ „Ордо Темплус Ориентис“, само што ОРДИ станува НОРДИ, оти како да се водеа по нивната максима „Прави што ти е волја и тоа нека биде цел Закон“, ама брзо сфатив дека сектата на нордистанците е оригинална езотерична појава.
Во својата структура станува збор за крајно комплексна оклутистичка организација – нивната езотеричност извира од ист трансцедентен извор до кој, ако не си од посветените, тешко се стигнува. Веруваат дека се посебна елита, урбана авангарда и како такви се единствен избор за светла иднина. На овие начела им се темели догмата, но ако се обиде човек да нурне во нивната комплексност, лесно може да се загуби во езотеричноста со која се соочува – една нивна подружница, на пример, милува да чува војнички цокули на таван и никому не му е јасно што е поентата, додека други, преферираат да посетуваат гробови на диктатори што е, мора да се признае, просто недофатлива симболика. Она што зачудува и секако изненадува е фактот дека одредени структури на друг култ – конзервативните езотерици што негуваат окултистички чувства кон кубур и кама – кога ќе се искачат на високи позиции во државата, како да сакаат или барем се трудат да заличат на оваа опскурна секта на нордистанците.
Како и да е, сектата е дел од нашето секојдневие и јас сум фасциниран од неа. А се појавија со крајно оригинална манифестација на своите окултистички начела. Имено, во историјата на окултизмот, секогаш е видлива поврзаноста со сексуалната енергија, еротичноста и телесната оргија. На пример, Дејвид Кореш во неговата „Филијала“ сметал дека сите жени се негови духовни сопруги, исто како и Макаја за кого сексуалноста е речиси примарна во Комаја-догматиката, ама никој никогаш во окултистичката пракса не се појавил на јавна сцена, манифестирајќи љубовна предигра со градски трговски центар. Да, сектата на нордистанците ѝ се претстави на јавноста преку групно гушкање на Градскиот трговски центар, ритуал што од нив беше објаснет како обид за зачувување на архитектурата, но за секој добро упатен окултист што знае дека езотеријата секогаш е повеќеслојна, ова беше поттик да се влезе во длабочините на ваквата ритуализација и да се постави прашањето: дали оваа еротична нежност изразена преку гушкање на еден трговски центар како дел од љубовна предигра, води кон целосно насочување на сексуалната енергија кон консумирачкиот комформизам на материјалистичката стварност што нè опкружува? На ова прашање, кое заслужува крајно комплексен езотеричен одговор, проучувачите на окултизмот како мене, сè уште работат, иако сектата на нордистанците многу брзо потоа се појави со уште почудна ритуализација на реалноста.
Многумина сериозни проучувачи на окултизмот ќе објаснат дека полнењето презервативи со боја, за со нив да се мава по споменици е крајно комплексна ритуална форма, која симболично потенцира дека безличната белина на сперматозоидот мора да се обои во сите бои на различноста и како таква, да се затвори во гумената проѕирност на скафандерот на машката фалусна доминација, за потоа, како бунт, со нив да се замава по статичноста на спомените за некои личности издлабени во камен, мермер или бронза, кои ја заробиле сегашноста во оковите на минатото – шарена револуција на оние што одамна живеат во иднината и многу гласно оттаму досаѓаат – но, јас, иако лаик за принципите на езотеријата, сакам да заклучам дека примарна цел на сектата на нордистанците беше, а тоа им успеа – воведување на нивниот култ како единствена државна религија, идеја смислена од повисоките однадвор масонски мајстори претставени преку личности како Мастер Бејли, Хан д’ Џган, Мадам Могерини, а спроведена преку духовниот водач на шуто и рогато – Гуру Заев – идеја што се манифестираше преку укинување на името Македонија и забрана за консумирање македонска историја, двата непријатела на нордистанската секташка идеологија, бидејќи во нивниот окултистички светоглед, македонизмот не може да им ги плати сметките – големите трошоци за патот кон кој секогаш се стремеле – тајните мистични лавиринти на духовната и емотивна канализација. А таму кајшто има канализација, тука се и шахтите – пречка за стремежот на нивната идеологија кон длабоките канализациски води на плиткоста. И така, започнаа со нов ритуал – фанатично брусење шахти – ритуал посветен на култот на божицата на западното изгрејсонце, Брусела Шахта, вегетативна божица што вегетира на туѓи грантови, шест месеци глуми подземје, а шест месеци господари со длабочините на плиткоста. И тамам помисливме дека овој култ засекогаш се воспостави како единствена религиозна опција, огромен број нови нордистанци, кои ѝ пристапија на сектата, одеднаш почнаа незадоволно да мрчат и мрморат – изгледа математиката дека новото име ќе им ги плаќа сметките не ги даде замислените резултати – па почнаа да го брусат нордистанскиот жиг што си го жигосаа на душата, со што очигледно ја предизвикаа сектата да преземе нов чекор – броење сончеви зраци на државното знаме за чие окултистичко значење допрва ќе откриваме каква езотеричност крие во себе.

































