Фото: Сајт на Хрватска противпожарна заедница/

Вкупно 36 лица побарале медицинска помош во Клиничкиот болнички центар (КБЦ) во Сплит поради повреди здобиени во синоќешниот пожар во близина на Омиш, соопшти болницата.

По укажаната лекарска помош, 14 пациенти се задржани на болничко лекување, додека останатите се пуштени на домашно лекување.

Седум пациенти се сместени на интензивна нега и се во животна опасност. Уште тројца пациенти се наоѓаат на одделението за интензивна нега, додека останатите хоспитализирани се згрижени на соодветните болнички одделенија.

Кај најголем дел од пациентите се констатирани изгореници, додека дел од нив побарале помош поради проблеми со дишењето предизвикани од вдишување чад, пренесуваат хрватските медиуми.

КБЦ Сплит веднаш ги активирал сите расположливи медицински тимови за да обезбеди навремено згрижување на повредените. Поради зголемениот број пациенти, дополнително биле повикани и вработени кои во моментот биле на годишен одмор.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ е најавен за посета на Омиш во 10 часот.