Фото: „Нова Македонија“

Европската Унија разгледува измени во правилата за проширување поради сè поголемата загриженост дека забрзаниот прием на нови членки би можел да го отежне или блокира носењето клучни одлуки во Унијата, објавува „Политико“, повикувајќи се на дипломатски извори во Брисел.

Иако земјите членки јавно ја поддржуваат политиката на проширување, во некои од највлијателните престолнини, меѓу кои Париз, Берлин и Хаг, постои резервираност кон значително забрзување на процесот.

Главната загриженост е дека идните членки, по влезот во ЕУ, би можеле поради внатрешни политички промени да блокираат стратешки одлуки во области како надворешната политика, буџетот и други прашања за кои е потребен консензус.

 – Постои причина зошто процесот на проширување трае со децении. Се плашиме дека ќе пуштиме „тројански коњ“ – изјавил за „Политико“ дипломат од земја која е скептична кон забрзаното проширување.

Според информациите на весникот, Европската комисија веќе работи на можни измени на правилата за идните членки. Целта е на сегашните членки да им се дадат гаранции дека новото проширување нема да го парализира процесот на одлучување и нема дополнително да ја усложни распределбата на средствата од европскиот буџет.

Темата се очекува да биде меѓу клучните точки на стратешката дебата на лидерите на ЕУ на состанокот на Европскиот совет на 15 и 16 октомври. Советот уште во јуни најави дека на октомврискиот состанок ќе се разгледува врската меѓу идното проширување и неопходните институционални реформи во самата Унија.

Дебатата добива дополнителна тежина по забрзувањето на пристапните процеси за Украина, Молдавија и земјите од Западен Балкан. Украина на 15 јуни годинава го отвори првиот преговарачки кластер, кој ги опфаќа фундаменталните области, меѓу кои правосудството, основните права и финансиската контрола. Сепак, отворањето на кластерите само по себе не значи дека членството е загарантирано или дека е утврден конкретен рок за пристапување.

Колку може да трае процесот покажуваат и примерите на земјите кандидати. Црна Гора преговара со ЕУ од 2012 година и досега ги има отворено сите 33 поглавја, но 2028 година и натаму се наведува само како можен датум за членство, под услов да бидат исполнети сите обврски.

Уште подолг е процесот на Турција. Таа кандидатски статус доби во 1999 година, преговорите ги започна во 2005 година, но процесот е во застој и практично блокиран од 2018 година.

Примерите ја продлабочуваат поделбата меѓу земјите кои проширувањето го сметаат за геополитички приоритет и оние кои предупредуваат дека приемот на нови членки без претходна реформа на институциите на ЕУ може дополнително да го отежни функционирањето на Унијата.

Токму затоа октомврискиот самит би можел да биде важен момент за иднината на политиката на проширување, не само за тоа кои земји и кога би можеле да станат членки, туку и под кои услови ќе се одвива нивниот прием.