Фотовест
Летото за секое дете е можност да ужива во слободата на детството и да му се радува на сонцето. Постојат десетици, можеби и стотици начини да се изградат незаборавни летни спомени. Нашиот фотоапарат овој пат не „ловеше“ кадри крај некое од македонските убави езера, ниту пак посетивме некоја планина или пак детско одморалиште. Бевме во селото Пчиња, кое се наоѓа крај истоимената река, а е во близина на градот Куманово. Нашето внимание го привлече четиригодишната Леона Секл.
Леона живее во Скопје и ја посетува градинката „8 Март“ во населбата Кисела Вода. Таа е весело, љубопитно и дружељубиво девојче, а најмногу сака да си игра и да учествува во креативните активности со своите најдобри другарки Хана, Ема, Ирис, Дениција, Лена и Ања.
Дел од летните денови таа поминува кај баба Стојна и дедо Ристо во селото Пчиња, а омилена активност ѝ е да им помага во градинарските работи. Таа ужива да копа, да чисти трева, да ги полева цвеќињата и зеленчукот, а секако најголема радост ѝ е бербата на плодовите.
Нејзините баба и дедо имаат зеленчукова градина и овошни дрвца и произведуваат квалитетна и здрава храна за семејството. Леона „врткајќи“ се околу нив и помагајќи им учи дека храната доаѓа од работата со земја и дека секој плод се добива со вложен труд. Нејзин омилен зеленчук се краставичките, а омилено овошје ѝ се јагодите и малините. Секако, тие се најслатки кога се набрани од домашната градина и кога знаеме дека се плод на нашата работа.
Ф.Д.

































