Фото: М.Т. и приватна aрхива

Како го поминуваат летниот распуст братучедите Марко Ѓорески и Матео Матески

За учениците летото е најпосакуван период во текот на целата година, време за безгрижни игри и за летување со родителите, но и со свои врсници, секако и за читање на лектирите и многу други доживувања и лудории.
Овие жешки летни месеци се убави и незаборавни и за две симпатични насмеани момчиња, кои, згора на тоа, се и први братучеди.
Марко Ѓорески (8) во октомври ќе наполни девет години, а на 1 септември ќе биде четвртоодделенец во скопското ОУ „Војдан Чернодрински“, додека Матео Матески (5) за неполн месец ќе стане прваче во ОУ „Блаже Конески“, а нaбрзо потоа ќе наполни шест годинки.

– Навистина уживам во летниот распуст. Играм, фудбал со другарите од маалото, а го пополнив и албумот со сликички за Светското првенство во фудбал. По малку играм и игри на компјутер, ама едукативни. Ги учам знамињата на државите и веќе можам да распознаам 35. Се разбира, ги прочитав сите лектири, а најмногу ми се допаднаа „Бајки од Македонија“. Многу убаво си поминав на камп во Струга со мои врсници, а уживав и во летувањето со моите родители на море, заедно со сестра ми Катја, која од есен ќе биде ученичка во осмо одделение – ни рече Марко Ѓорески.
Ете и тој, како и сите деца на негова возраст, има многу летни преокупации.
Неговиот помал братучед Матео Матески ни откри дека малку му е жал што се разделил од другарите од групата „Детелинки“ на градинката „Срничка“, објект „Чекорче“ во скопската населба Аеродром, и од учителките Ирена Тирчоска и Јасмина Јовеска. Тој ни шепна дека му е жал и за симпатијата Ива, ама едвај чека да се запознае со нови другарчиња и да почне да оди на училиште. Кога ќе порасне сака да биде пилот, а обожава да гледа цртани филмови за храбри пожарникари.
– Ова лето ми паднаа неколку запчиња, ама ќе ми пораснат нови наскоро. Горд сум што научив да возам велосипед неодамна, без помошни тркала. Убаво си поминав и на одморот на море во Грција, а деновиве бев и на роденден кај другар на братучед ми Марко. Сепак, најубаво ми е кога заедно се капеме во монтажниот базен на дедо Мишо – ни откри Матео.

Постариот Марко додаде дека овој е нов, поголем и подлабок базен од претходниот и дедо Мишо се труди секогаш водата да биде чиста.
– Уживанција е капењето во базенот со Матео, но и со Катја, а понекогаш одиме да спортуваме во дворот на моето училиште, од спротива. Често го носиме и моето кученце Макс, кое деновиве наполни пет години – ни рече Марко.
Тој е одличен ученик, а најдобро му оди математиката. Голема помош во учењето има и од сестра му Катја. Марко како нешто посебно што му се случило на почетокот на летото го посочи патувањето за Париз, каде што биле сите тројца, а најмногу им се допаднала посетата на забавниот парк „Дизниленд“.
– Да, летните доживувања се многу интересни, а, искрено, понекогаш помислувам и како мојата симпатија Андреа ги минуваа овие денови. Но, со другарите од одделение мислиме и на нашата учителка Маја и ѝ подготвуваме едно убаво изненадување, албум со заеднички фотографии – ни откри Марко една тајна.
Овој топол август веруваме и за Марко и за Матео ќе донесе уште незаборавни доживувања, но и подготвеност и желба во новата учебна година да дадат сѐ од себе да биде успешна!

М.Т.