Американскиот Сенат усвои предлог-закон за санкционирање на купувачите на руски енергенти
- Американскиот Сенат отвори нов фронт во економската војна со Москва. Но овој пат целта не е само Русија. На нишан се и оние што продолжуваат да купуваат руска нафта и гас. А тоа значи дека, доколку законот стане дел од американското право, во проблем може да се најдат и некои европски сојузници на Вашингтон
- Вашингтон испрати порака што во Брисел тешко може да се игнорира:
„Лицемерно е Брисел да ѝ воведува санкции на Русија, а истовремено да продолжува да го полни буџетот на Русија преку купување руска нафта и гас!“
Американскиот Сенат со огромно мнозинство од 86 гласа „за“ и 11 „против“ го усвои т.н. Закон за санкции против Русија и Иран (Lindsey O. Graham Sanctioning Russia and Iran Act of 2026), кој го носи името на сенаторот Линдзи Греам, еден од најжестоките американски поддржувачи на Украина, кој почина во јули. Законот сега треба да помине низ Претставничкиот дом, кој треба да се врати од летната пауза на 31 август. Но вистинската тежина на овој закон не е само во санкциите против Москва. Таа е во една многу поопасна идеја насочена кон казни за европските влади. Имено, Вашингтон сака да ги санкционира и купувачите на руска енергија.
Предлогот му дава на американскиот претседател можност да воведе до 100 отсто царини за стока од земји што се меѓу најголемите купувачи на руска нафта и гас или кои помагаат во заобиколување на санкциите.
– Европската Унија со години усвојува нови и нови пакети санкции против Русија, а некои од нејзините членки сè уште купуваат руски енергенти. Не само симболични количества, станува збор за милијарди евра. Европа, едноставно кажано, се обидува да ја казни Русија со едната рака, а со другата да продолжи да купува руска енергија. И токму таа политика на два колосека сега може да стане проблем не само во Брисел туку и во Вашингтон. Затоа, донесувањето на овој закон ќе стане многу непријатно за Европа – вели нашиот соговорник, дипломат од кариера и политички аналитичар.
Европската санкциска контрадикција
Според нашиот соговорник, Европската Унија од една страна официјално ги прогласи намалувањето и конечното прекинување на зависноста од руската енергија за стратешка цел, а од друга страна сè уште купува руски гас!
– Да потсетам, во јануари 2026 година земјите членки формално ја усвоија регулативата за постепено укинување на увозот на руски гас – и цевководен и ЛНГ. Планот предвидува целосно прекинување на рускиот ЛНГ до крајот на 2026 година, додека за цевководниот гас роковите одат до 2027 година. Тоа звучи решително. Но сликата на теренот е поинаква. Во првата половина на 2026 година европските терминали продолжија да примаат значителни количества руски ЛНГ. Франција, Белгија, Шпанија и Холандија останаа меѓу главните европски влезни точки за рускиот течен гас. Причината е едноставна: европскиот енергетски пазар е интегриран, а ЛНГ што пристигнува во една земја може потоа да се прераспределува низ европската гасоводна мрежа. Затоа е погрешно секој руски товар што пристигнал во француско или белгиско пристаниште автоматски да им се припише само на француски или белгиски потрошувачи. Но политичкиот проблем останува. Европа сè уште купува руски гас, а Москва сè уште заработува – вели дипломатот.
Франција, Белгија и Шпанија: европските „легални“ клиенти на Москва
Најголемиот европски парадокс денес не се Унгарија и Словачка, кои отворено ја бранат својата зависност од рускиот гас. Парадоксот е во тоа што и некои од најгласните европски поддржувачи на Украина продолжуваат да примаат руски ЛНГ. Франција, Белгија и Шпанија се меѓу најголемите европски влезни точки за рускиот ЛНГ. Тоа не значи дека Париз, Брисел и Мадрид ја „финансираат руската војна“ во ист обем како пред 2022 година. Европската зависност од руската енергија драматично падна. Но токму оваа констатација, според нашиот соговорник, открива една поинаква страна на целиот процес.
– Европската санкциска политика е полна со исклучоци, двојни стандарди и политички компромиси. И токму тука се раѓа американската аргументација. Ако Европа навистина сака Русија да престане да ја финансира својата воена машина преку енергетските приходи, тогаш зошто самата Европа продолжува да купува – констатира и прашува дипломатот, кој одлично ги познава состојбите по овој основ.
Унгарија и Словачка – најочигледните европски цели
Ако американскиот закон стане правосилен и ако администрацијата на Доналд Трамп одлучи да ги употреби неговите механизми, најголемата опасност во Европа не е еднаква за сите земји. Најизложени се Унгарија и Словачка. Имено, тие се меѓу петте најголеми купувачи на руска сурова нафта според податоците користени при ревизијата на американскиот закон. Но има и други земји во светот, а во таа група нашиот соговорник ги наведува и Кина, Индија и Азербејџан.
– Во јавноста лесно се создава впечаток дека американскиот закон автоматски ќе ги санкционира сите европски земји што увезуваат руски гас или ЛНГ. Но не е баш така. Механизмот е многу потесен. Законот го ограничува механизмот на царини кон најголемите купувачи, а за рускиот гас има дополнителни услови и можни изземања. Според анализите на ревидираниот текст, Франција, Белгија и Унгарија може да бидат опфатени со различен режим, во зависност од нивниот удел во рускиот извоз и од тоа дали преземаат значителни чекори за намалување на зависноста. Значи, не постои едноставна европска листа на „санкционирани држави“. Постои американски механизам што може да се активира против конкретни држави. А меѓу европските земји очигледно најранливи се оние што продолжуваат со голем увоз на руска сурова нафта – тврди нашиот соговорник.
Европа се соочува со непријатен избор
Нашиот соговорник го објаснува, како што вели самиот, „најважниот момент во целата приказна“.
– До вчера западната санкциска политика главно функционираше вака: санкции против Русија, односно забрана на одредени производи, потоа ограничување на руските банки, па замрзнување имот и на крајот санкции против компании и поединци. Сега се додава нешто друго,имено – санкции против оние што купуваат од Русија – ни анализира дипломатот.
Тој додава дека тука станува збор за т.н. принцип на секундарни санкции.
– Со други зборови, Вашингтон почнува да им кажува на партнерите „можете да тргувате со кого сакате, но ако сакате пристап до американскиот пазар, ќе мора да размислите двапати со кого тргувате“. Тоа е многу посилна политичка алатка од обична санкциска листа. И тука Европа се соочува со непријатен избор. Ќе продолжи ли да инсистира дека нејзината енергетска политика е нејзина суверена работа или ќе мора да ја усогласи со Вашингтон – ја отвара дилемата нашиот соговорник, дипломат од кариера.
Каде е Бугарија во целиот овој случај: Кој купува големи количества руска нафта и ги носи во рафинеријата во Бургас?
Нашиот соговорник има интересен одговор и за ова прашање.
– Тука приказната станува – балканска. И многу посложена. Бугарија со години беше една од најважните точки на руското енергетско присуство на Балканот. Во центарот на таа приказна е рафинеријата „Лукоил Нефтохим Бургас“, најголемиот рафинериски комплекс во земјата и еден од клучните енергетски објекти во регионот. Но тука треба да се биде прецизен. Во јули 2026 година бугарскиот вицепремиер и министер за економија Александар Пулев изјави дека рафинеријата во последните недели наводно не преработувала руска нафта. Бугарските власти тврдат дека снабдувањето е диверзифицирано и дека државата е во контакт со американските и британските власти околу санкцискиот режим. Значи, според официјалните јавно достапни информации, не е професионално да се тврди апсолутно дека „Бугарија директно купува најголеми количества руска нафта и ги носи во Бургас“. Тоа би било нефер. Но токму затоа приказната за Бугарија е уште поинтересна. Затоа што, од друга страна, има потврдени информации руската нафта не исчезна од европската економија! Од каде доаѓа? Нека констатираат Американците и натаму нека ја насочат острицата на своите санкции. Некој шверцува и некој е лицемерен. Кој е тој? Веројатно сите имаме основ за сомневање, но би било недипломатски сега, во моментов, да се впери прст од наша страна – вели дипломатот за „Нова Македонија“. П.Р.
Кој во Европа треба најмногу да се плаши од Вашингтон?
Американскиот закон, доколку биде донесен, би требало да значи дека секоја европска држава што купува руски енергенти ќе добие стоотстотна царина. Но, сепак, тоа зависи од конечниот текст, од тоа дали Претставничкиот дом ќе го усвои, дали претседателот ќе го потпише и, потоа, дали администрацијата ќе одлучи да ги активира конкретните механизми.
Ќе биде ли Бугарија санкционирана од Америка?
Според нашите соговорници, Бугарија дефинитивно има проблем.
– Бугарија е ранлива и би се рекло има „мек стомак“ во контекст на евентуално донесениот американски Закон за санкции, предлог што помина во Сенатот. Бугарија може да стане ранлива не затоа што е најголем купувач на руска нафта, туку ако Вашингтон процени дека преку нејзини компании, рафинерии, трговски канали или посредници се овозможува заобиколување на санкциите. Тоа е многу посериозна работа. Бидејќи американскиот закон не се занимава само со големите купувачи. Тој предвидува и таргетирање на земји што помагаат во заобиколување на санкцискиот режим. А тоа значи дека во иднина критериумот може да биде не само „колку руска нафта купуваш“ туку и „колку енергија со руско потекло ти помага да внесеш во западниот систем преку задната врата“. Тука Бугарија треба да биде особено внимателна – велат соговорниците.
Има ли индиции дека официјална Софија системски и институционално е инволвирана во шверцување нафта за ЕУ?
Дали Бугарија ризикува да стане една од европските транзитни и финансиски точки преку кои руската енергија продолжува да влегува во европската економија, само со променета етикета, беше прашањето за нашите соговорници, енергетичари, експерти и поранешни професори на ЕТФ на УКИМ.
– Одговорот е дека ризикот за Бугарија – постои. И токму затоа Бугарија веќе е под поголемо внимание. „Лукоил“ е под санкциски притисок. Американските и британските власти имаа посебни лиценци и преодни режими за бугарските компании на „Лукоил“, што покажува дека Вашингтон е свесен за чувствителноста на рафинеријата во Бургас. Во исто време, Софија се обидува да се претстави како дел од решението. Таа поддржува диверзификација, работи на вертикалниот гасен коридор и се позиционира како транзитна земја за неруски, вклучувајќи и американски ЛНГ, кон Централна и Источна Европа. И токму тука лежи бугарскиот парадокс. Бугарија сака да биде и енергетски мост кон Америка и Европа и истовремено да го зачува просторот за руските енергетски интереси. Но таквата политика станува сè потешко одржлива – велат нашите соговорници.
Која од европските држави е под најголем ризик од евентуалните американски санкции?
Ако американскиот предлог-закон што доби согласност во Сенатот стане закон и администрацијата реши да ги активира неговите најостри механизми, европската табела на најзагрозени држави би изгледала приближно вака:
1. Најголем ризик – Унгарија
Унгарија е меѓу петте најголеми купувачи на руска сурова нафта според критериумите што стојат зад ревидираниот американски предлог. Таа е истовремено еден од најголемите преостанати европски корисници на руски гас.
Затоа Будимпешта е најочигледниот европски кандидат за судир со Вашингтон.
2. Висок ризик – Словачка
Слична е приказната и со Словачка. Таа е меѓу петте најголеми купувачи на руска сурова нафта. А зависноста од руските енергетски текови е и политичка тема.
Словачка и Унгарија дури гласаа против европската регулатива за постепено укинување на рускиот гас. Патем споменато, Бугарија беше воздржана.
3. Посебен ризик – Франција и Белгија
Тука ситуацијата е многу поинаква. Франција и Белгија се големи европски приматели на руски ЛНГ, но новиот американски предлог содржи механизми што можат да ги изземат земјите што преземаат значителни чекори за намалување на зависноста и чиј увоз е под определениот праг во однос на рускиот вкупен извоз. Затоа нивниот ризик не е ист како ризикот на Унгарија или Словачка.
4. Бугарија – не е прва цел, но може да стане проблем
Бугарија не е меѓу петте најголеми купувачи на руска сурова нафта. Тоа е факт што мора јасно да се каже. Но ако санкциската политика се прошири кон „заобиколување на санкциите, посредници, рафинерии и компании што обработуваат или тргуваат со руска енергија“, тогаш бугарскиот енергетски сектор може да стане многу почувствителна точка. Особено поради „Лукоил Нефтохим Бургас“. П.Р.
Руската нафта теоретски забранета во ЕУ, но практично присутна во синџирот на снабдување на Европа
Бугарија – европско „енергетско елдорадо“
Податоците на Центарот за истражување енергија и чист воздух (Centre for Research on Energy and Clean Air, независна истражувачка организација фокусирана на (не)загадувањето на воздухот, енергетиката и влијанието врз здравјето и климата, основана во Хелсинки во 2019 година и регистрирана како непрофитна организација во Финска, со тимови во Европа и Азија), покажуваат дека и во јуни 2026 година земји од ЕУ, меѓу кои и Бугарија, „примиле нафтени деривати од рафинерии од трети земји што работат со руска сурова нафта“. И во јуни Бугарија примила една таква пратка. Истото тоа се случило и со Белгија, Кипар и Малта.
Сликовито опишано, синџирот на снабдување не е Русија-Бургас (Бугарија)-нафтени деривати, туку, според горенаведениот Центар за истражување енергија и чист воздух од Хелсинки, синџирот на снабдување нафта од Русија оди на следниов начин: Русија-трета земја-рафинерија Бургас-бензин/дизел- Бугарија-ЕУ.
Така, теоретски, на хартија, според Центарот за истражување енергија и чист воздух, „тоа повеќе не е руска сурова нафта“. Но, практично, економскиот синџир сè уште има руска почетна точка. Токму ваквите шеми сега стануваат главна тема на американските санкциски политики.
Веќе почнаа да се таргетираат рафинериите во трети земји што преработуваат руска нафта и потоа извезуваат деривати кон европскиот пазар. На пример, во јули 2026 година ЕУ воведе санкции против рафинерија во земја што не е не-ЕУ членката Грузија, односно грузиската рафинерија „Кулеви“, поради обработка на руска сурова нафта. Но следната фаза на санкциите нема да се занимава само со тоа од каде тргнала нафтата, туку и каде завршува нејзината економска вредност.
Бугарија – членка на ЕУ со непрекинати руски врски
Бугарија не само што има силен историски и економски енергетски однос со Русија туку и во 2026 година Софија покажа дека е подготвена и политички да се спротивстави на дел од европската санкциска политика кога таа ги допира руските интереси поврзани со Бугарија. Најдобар пример е 21. пакет на санкции. Во преговорите за пакетот, Бугарија се спротивстави на ставањето на рускиот патријарх Кирил и основачот на „Лукоил“, Вагит Алекперов, на санкциската листа! Тие имиња потоа беа отстранети од договорениот пакет. Софија образложуваше дека санкциите против Кирил немаат значаен економски ефект врз Русија, а дека мерките против Алекперов може да имаат сериозни последици врз компаниите на „Лукоил“ во Бугарија. Токму тука се гледа европската дилема во најчиста форма. Кога санкциите ја погодуваат Русија – Бугарија ги поддржува. Кога санкциите почнуваат да го погодуваат бугарскиот енергетски интерес – Софија бара исклучоци.
Од политичка перспектива, тоа може да се нарече прагматизам. Од перспектива на европската санкциска политика, може да се нарече – двоен стандард. А од перспектива на Вашингтон, тоа е токму она што секундарните санкции треба да го спречат. П.Р.

































