Сушата во Европа како предупредување
- Државите што навреме ќе ги заштитат своите извори, акумулации и речни системи ќе имаат огромна економска и безбедносна предност. Оние што ќе ја потценат опасноста и ќе продолжат да се однесуваат неодговорно со водата ќе плаќаат висока цена
Европа ова лето не се соочува само со уште еден топлотен бран туку со предупредување што веќе ги менува економските и енергетските политики. Сушата што зафати голем дел од европскиот континент откри колку е ранлив системот што со децении се сметаше за стабилен. Дунав на одделни места достигна ниво пониско и од историскиот минимум измерен во 1909 година. Во Бугарија и Хрватска бродови остануваат заринкани во исушените речни корита, додека во Германија пловидбата по Рајна значително е ограничена, што го отежнува транспортот на суровини и стоки и ги принудува компаниите да бараат поскапи алтернативни начини на превоз. Последиците веќе се чувствуваат врз цените и конкурентноста на европската економија.
Истовремено, Романија и Унгарија се соочуваат со сериозни последици и во енергетскиот сектор. Намалените водостои го ограничуваат производството на електрична енергија, а Унгарија беше принудена да го намали работењето на својата единствена нуклеарна централа поради недостиг од доволно вода за ладење. Романија дури и минира делови на речното корито за да обезбеди доволно вода за енергетските капацитети. Тоа покажува дека климатските промени одамна престанаа да бидат само еколошко прашање. Денес тие директно влијаат врз економијата, индустријата, транспортот, енергетската безбедност и животниот стандард на милиони луѓе.
Македонија денес има вода, но дали ќе ја има и утре?
Во вакви околности, Македонија ова лето испраќа навидум спротивставена слика. Од една страна, домашните хидроцентрали годинава произведоа повеќе електрична енергија отколку во истиот период лани, благодарение на поволната хидролошка состојба оваа зима и пролет. Презервирањето на каптациите со пивка вода е широк зафат. За издвојување е и тоа што Дојранско Езеро повторно добива вода за да се одржи неговото ниво.
Но, од друга страна, објективно постојат одредени работи во ист контекст поврзани со водата што со децении се провлекуваат, нерешени предизвици, особено во делот со пивката вода, кои бараат подинамичен ангажман за заштита на изворите на вода и за правилно зафаќање заради снабдување со безбедна вода за пиење. И ваквиот предизвик покажува дека моменталната состојба на еден сериозен приод не смее да создаде чувство на сигурност. Една подобра хидролошка година не значи дека државата е заштитена од долгорочните последици на климатските промени.
Затоа, се поставува прашањето како Македонија да биде подготвена доколку и кај нас се случи сценариото што денес го гледаме кај Дунав, Рајна или кај другите големи европски реки. Впрочем, сликата на Преспанско Езеро е доволен аларм.
Наша анкета во јавноста со интелектуалци од различни области, од носители на високи државни функции, преку академици и универзитетски професори, експерти во НВО од областа на екологијата и заштита на водите, издвојуваат дека „одговорите на овие прашања ќе бидат далеку поважни од многу дневнополитички теми со кои сега се оптоварува македонската јавност“! Сите се свесни дека водата постепено станува највредната работа на 21 век. Државите што навреме ќе ги заштитат своите извори, акумулации и речни системи ќе имаат огромна економска и безбедносна предност. Оние што ќе ја потценат опасноста и ќе продолжат да се однесуваат неодговорно со водата ќе плаќаат висока цена.
Затоа климатските промени повеќе не треба да се третираат како тема што ги интересира само екологистите. Тие стануваат прашање три во едно: економска стратегија, енергетска политика и прашање на национална безбедност!
Иднината на Македонија можеби многу повеќе ќе зависи од чекорите што денес ќе ги преземеме за зачувување и рационално управување со водните ресурси отколку од многу други политички процеси што моментално ја окупираат јавноста.
Енергетска клучка не може да постои без сигурни водни ресурси
Во исто време, Македонија добива сè поголемо геостратешко значење и од енергетски аспект. Изградбата на новите гасни интерконектори, поврзувањето со регионалните енергетски системи преку Грција, како и проектите поврзани со транспортот на нафта, постепено ја позиционираат државата како важна енергетска клучка на Западен Балкан. Со промената на регионалната енергетска инфраструктура, Македонија добива можност да стане значајна транзитна и дистрибутивна точка, што носи економски и политички придобивки.
– Но колку и да бидат важни гасоводите и нафтоводите, тие нема да имаат вистинска вредност доколку државата не го обезбеди најосновниот ресурс – водата. Без вода нема производство на храна, нема стабилна енергетика, нема индустрија, нема здравствена сигурност, ниту нормално функционирање на општеството. Токму затоа водата мора да стане рамноправен дел од секоја долгорочна стратегија за развој на Македонија. Искуствата од Дунав, Рајна и од другите европски реки треба да се сфатат како сериозно предупредување, а не како туѓ проблем. Денес последиците ги чувствуваат други земји, но климатските промени не познаваат државни граници. Прашање е само кога и со каков интензитет тие ќе се одразат и врз Македонија – велат дел од експертите со кои се консултиравме.
Според нив, неопходно е Владата уште сега да ги ангажира најдобрите домашни експерти од областа на хидрологијата, климатологијата, енергетиката, земјоделството, економијата и просторното планирање, со цел да се изработи долгорочна национална стратегија за управување со водните ресурси.
– Не треба да измислуваме топла вода, туку да ги прекопираме искуствата од земјите што, и покрај тоа што немаат водни ресурси како нас, со паметно менаџирање буквално ја користат секоја капка вода. Ние имаме вода и затоа ни е потребна стратегија како паметно да управуваме со ова богатство. Таа стратегија треба да опфати изградба и модернизација на акумулации, намалување на загубите во водоводните системи, заштита на извориштата, рационално користење на водата, подобро наводнување, поголема ефикасност во индустријата и создавање резерви за периоди на продолжена суша. Особено треба да се мапираат и да се заштитат огромните базени со подземни води што ги имаме низ државата. Тоа се природни складишта на вода – истакнуваат наши соговорници.
Нивен став, на кој категорично инсистираат, е дека водата треба да стане национален приоритет, исто како што денес се енергетската безбедност и инфраструктурното поврзување.
– Само така Македонија ќе може да ги искористи придобивките од својата нова улога во регионалната енергетска мрежа и истовремено да ја заштити сопствената економија од последиците на климатските промени. Во годините што доаѓаат, геополитичката тежина на државите нема да се мери само според тоа колку гасоводи, нафтоводи или транспортни коридори минуваат низ нив. Ќе се мери и според тоа колку сигурно можат да обезбедат вода за своите граѓани, својата економија и за својата иднина – поентираат нашите соговорници.

































