Од ракометното минато (33)
- Работнички во шампионатот на Македонија доживеа само три порази и, по една година, преку квалификациите веднаш се врати во Првата сојузна лига. Но потоа дојде земјотресот, кој ги наруши сите планови и активности
Ракометарите на Работнички по испаѓањето од Првата сојузна лига во 1962 година беа многу разочарани и во меѓусебните разговори често се прашуваа дали ќе успеат брзо да се вратат во елитното друштво. Некои од тие разговори можевме да ги слушнеме и ние, атлетичарите на Работнички, оти само еден ѕид ги делеше нашите две соблекувални под јужната трибина на Градскиот стадион. Често се среќававме и во ходникот, во брзината дури и ќе се судревме. Сите во ЖСД Работнички бевме некако многу блиски, како едно семејство, и заедно ги делевме и радоста и тагата. Меѓутоа, добро беше што разочарувањето по испаѓањето брзо помина и сите сили беа насочени успешно да се минат натпреварите во Македонската лига. Тука, пак, уште во првиот дел, кој „железничарките“ го завршија без ниту еден пораз, стана јасно оти тие само ќе прошетаат низ лигата. По есенскиот дел од првенството, на сите им стана јасно оти Работнички ќе ја освои републичката титула и ќе игра на квалификацискиот турнир за враќање во елитната лига. Меѓутоа, веднаш треба да се спомене дека во пролетниот дел, сепак, не беше толку лесно. И другите македонски клубови го искористија зимскиот период за подготовки, па, така, и тие со големи амбиции за што подобар пласман, стартуваа во пролетниот дел од првенството. Како најсилни ривали на скопјаните се појавија Југ и битолски Пелистер. Двата тима, што е интересно, во пролетните настапи го совладаа Работнички и покажаа оти тој, сепак, нема толку лесно да мине низ лигата, туку ќе треба да биде многу внимателен зашто сите го имаа земено на нишан.
ОПТИМИЗМОТ БЕШЕ ЛЕК ЗА ПРОБЛЕМИТЕ
На ракометарите како да им беше судено постојано да имаат проблеми со теренот за тренинг и играње. Неколку години се снаоѓаа на зелените површини во Градскиот парк, потоа откако изградија сопствено игралиште, дојде и поплавата. Таа го уништи не само нивното туку сите игралишта, почнувајќи од теренот и атлетските борилишта на Градскиот стадион, преку помошните игралишта на фудбалерите на Вардар и Работнички, кошаркарските игралишта на двата клуба и терените на воениот полигон. Требаше долго време, не изразено во денови и недели, туку со месеци за да се доведат во ред сите боралишта за да се создадат услови за тренинзи и натпревари.
Ракометарите на Работнички не можеа да го преболат испаѓањето од елитната лига, а сега имаа и друг проблем. Но оптимизмот во клубот, кој беше пионер во ракометниот спорт во Македонија и токму во овој период ја прославуваше 15-годишнината од своето формирање, беше лек за совладување на сите пречки! Сите беа свесни за она што ги снајде, но и решени да продолжат да чекорат напред со јасна визија – што побрзо да се вратат во прволигашката конкуренција.
Во пролетниот дел од шампионатот и натаму победуваа и крајот го дочекаа на првото место со 30 бода, три повеќе од скопски Југ, кој во чекор ги следеше во текот на целата пролет, трет беше Пелистер со девет бода помалку од лидерот Работнички.
Во продолжение сакам да се потсетиме на имињата на играчите што ги бранеа боите на клубот токму во овој пролетен дел, кога први минаа низ целта и се изборија за прволигашките квалификации. Еве го целиот ростер: Томовски и Мајснер беа голмани, Милиновиќ, Томановиќ, Н. Матовски, Маерле (само на неколку натпревари), Брезовски, Штериев, Селимовиќ, Бојаџиевски, Ѓошев, Караџиќ, Хаџиандоновиќ, Гоцевски, Буклески, Исоски и С. Матовски.
ПАДОБРАНКАТА НАДА ИЦЕВА ИМ БЕШЕ ПРИМЕР ЗА ИЗДРЖЛИВОСТ!
Откако успешно беше минат патот во Македонската лига и беше освоено првото место, сите сили во Работнички беа насочени кон квалификациите за Сојузната лига. Ова го пишува и Славко Матовски во книгата посветена на РК Работнички, каде што меѓу другото вели: „Овој пат беше сфатено вистинското значење на Сојузната лига, односно членувањето во елитното југословенско ракометно друштво, што беше повод сите во клубот да бидат ангажирани за реализација на задачата. Планот за подготовки за прволигашките квалификации подготвен од Стручниот штаб беше прифатен од раководството на клубот, а потоа беше презентиран и пред играчите. Сите беа согласни оти мора максимално да се вложат во реализацијата на најзначајната задача – да се успее во квалификациите, особено што тие се играа во Скопје. Тоа беше уште една погодност за Работнички, зашто сите знаеме колку е битно вакви значајни битки да се бијат пред своите навивачи“.
И еден друг интересен момент дејствуваше стимулативно на ракометарите. Имено, тие повторно ќе беа во прволигашкото друштво, како и фудбалерите на Вардар. Меѓутоа голем мотив за нив и за сета спортска јавност токму во тој период беа и успесите на падобранката Нада Ицева, која собра сили и храброст и им се спротивстави на најдобрите југословенски падобранки, па, иако најмлада, таа стана државна шампионка, дури се доближи и до светскиот врв во скокови на поставена цел. Овој податок намерно го споменав, оти таа навистина беше гордост на македонскиот спорт и го подигнуваше моралот на сите спортисти. Кога може таа, зошто да не можеме и ние, си велеа и ракометарите на Работнички, кои беа решени да се борат, па дури и да согорат во прволигашките квалификации.
Меѓутоа до почетокот на турнирот, кој беше планиран за 21, 22 и 23 јуни 1963 година, требаше да се завршат работите околу игралиштето и неговата санација по последиците од поплавата. Стручниот штаб, пак, требаше да работи на консолидација на тимот во кој требаше да се врати хармонијата, а да се увежбуваат и некои на тактичко-техничките варијанти.
РАБОТНИЧКИ ПОВТОРНО ПРВОЛИГАШ
Тренинзите течеа со несмалено темпо, членовите на Управата на клубот постојано беа тука покрај ракометарите, а гледачите со голема возбуда го очекуваа почетокот на квалификациските битки. Ракометарите дејствуваа самоуверено, никој од нив не помислуваше дека може да им се случи некој кикс. Беа сигурни во себе и со нетрпение очекуваа да почнат толку посакуваните квалификации, на кои Работнички ќе треба да се избори за враќање во елитата, но истовремено да покаже и дека е вистински репрезент на македонскиот ракомет. Стартот беше охрабрувачки. Во првиот дуел Работнички просто го „прегази“ стариот познаник Железничар и го совлада со 14-8. Меѓутоа, домаќините ги загрижи одличната игра на загрепска Младост, која во почетниот натпревар лесно го совлада тимот на Будуќност со 31-9.
Во Скопје од поодамна беше присутна ракометната треска, но по првата победа нејзиното ниво уште повеќе се покачи. Сите разговори во градот почнуваа и завршуваа со ракометот. Симпатизерите на Работнички, иако задоволни од првата победа, сепак не можеа да се опуштат докрај и да се радуваат. Требаше да се чекаат и следните мечеви, за кои и тие исто како и ракометарите специјално се подготвуваа.
Она што следуваше во квалификациите беше дуелот со Младост, големиот ривал уште од минатите прволигашки години. Овој пат, потпомогнати од гледачите, кои во текот на целиот натпревар ги бодреа своите миленици, тие им се реваншираа и ги израдуваа со нова победа со 14-8. Замислете, и овде беше постигнат идентичен резултат како и на првиот натпревар од квалификациите!
По оваа победа, во скопскиот тим веќе беше присутна славеничката атмосфера, зашто никој и не помислуваше дека Будуќност, кој очигледно беше најслаб на овој квалификациски турнир, ќе може да приреди такво изненадување и да го совлада домаќинот. Тоа беше нешто невозможно, зашто разликата во квалитет беше на страната на Работнички. На скопјаните им остануваше само рутински да одиграат и да ја завршат работата. Тоа и се случи и беше извојувана победа со 36-13.
На крајот од турнирот Работнички заврши како прв со шест бода и се врати меѓу прволигашите. Успехот беше френетично поздравен. По последниот меч со Будуќност, радоста кај навивачите беше огромна. Сите беа среќни – Работнички повторно ќе игра во елитната југословенска лига. Треба да се истакне дека на овие квалификации до полн израз дојдоа квалитетите на Томановиќ, Н. Матовски и Милиновиќ, како и неоспорниот потенцијал на Брезовски, кој веќе беше стандарден, потоа на Штериев, Бојаџиевски, Ѓошев, како и голманот Томовски. Со еден збор, заслугата за успехот им припаѓаше на сите.
































