Фото: Маја Јаневска Илиева

До 7.30 часот утрово на територијата на државата се регистрирани вкупно 25 пожари на отворен простор, од кои два се активни, еден е ставен под контрола, а 22 се изгаснати, соопшти Центарот за управување со кризи.

Активни се пожарите во селото Горно Лисиче во Општина Аеродром, каде гори ниска вегетација, дрвја и пченка, како и пожарот на депонијата на излезот од Крива Паланка.

Под контрола е ставен пожарот над селото Зелениково, каде гореле шума и ниска вегетација.

Во текот на изминатото деноноќие се изгаснати пожари во Гази Баба, Ѓорче Петров, Сопиште, Арачиново, Студеничани, Карпош, Новаци, Долнени, Прилеп, Чашка, Велес, Росоман, Струга, Липково, Врапчиште, Желино, Гостивар и Делчево.

Најголем дел од пожарите биле предизвикани од горење на ниска вегетација, додека биле зафатени и шуми, диви депонии, отпад, борови дрвја и земјоделски површини.