Фото: Маја Јаневска Илиева

По спроведена предистражна постапка во врска со наводите од поднесената кривична пријава за сомневање за неовластен пристап до компјутерскиот систем во Кабинетот на претседателката на Република Македонија и неовластено прибирање податоци, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донел резолуција со која оценил дека нема основ за натамошно јавнообвинителско постапување, пренесе МИА.

Како што информираат од Основното јавно обвинителство, во текот на предистражната постапка, по наредба на Основниот кривичен суд, била обезбедена компјутерска опрема врз која биле извршени информатичко-форензички анализи. Биле анализирани и податоци од мобилни уреди, а биле прибрани и известувања од лица запознаени со настанот.

-Според извештаите на Секторот за компјутерски криминал при МВР, не се утврдени дигитални траги или други форензички показатели за неовластено навлегување во компјутерскиот систем, ниту се пронајдени докази за снимање и прибирање класифицирани податоци. При анализите се констатирани одредени безбедносни и административни слабости во конфигурацијата на системот, кои можеле да претставуваат потенцијален безбедносен ризик, но не биле утврдени дигитални докази за извршување на пријавените кривични дела – се наведува во соопштението на ОЈО.

По оценувањето на сите прибрани докази, надлежниот јавен обвинител утврдил дека не се исполнети законските обележја на кривичните дела „Оддавање државна тајна“ од член 317 и „Оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“ од член 251 од Кривичниот законик.

Од обвинителството додаваат дека не се утврдени ниту елементи на друго кривично дело за кое се гони по службена должност.