Во Ликовна галерија од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп синоќа беше отворена изложбата на фотографии и дигитални дела „Дома“ од прилепските уметници Александра Ацеска и Илија Ацески.
Изложбата ја отвори Филип Димкоски, кој посочи дека станува збор за поставка на
фотографии и фотоманипулации, кои носат спој на две различни уметнички перцепции.

– Илија Ацески е конкретен, прецизен и рационален. Ја застапува аристотеловата теорија дека објектот постои само во онаква форма каква што ја гледа набљудувачот. Спротивно на таа прагматичност, за Александра Ацеска, водата не е само вода, ниту пак планината е само планина. Таа во водата ја бара длабочината, а по планинските височини трага до врвот на мудроста. Овде имаме спротивставеност на машката и женската енергија, на визијата на таткото и визијата на ќерката, на мудроста на искуството и на полетноста на младоста, на цврстината на коренот и на силата на крилјата…Слободата со која се создавани делата, им дава слобода и на посетителите делата индивидуално да ги толкуваат и да извлечат свои пораки, поенти и заклучоци, но упатува на тоа дека домот не е конкретен простор, туку специфична состојба на духот. Добредојдовте дома – рече Димкоски на отворањето на изложбата.

Академската уметница Александра Ацеска живее и работи во Кина, има реализирано повеќе самостојни и групни изложби, а Илија Ацески долги години се занимава со фотографија.
Ka.M.

































