Фото: Пиксабеј

Историски трилер

Пристанот Истанбул…
Параходот „Осман Гази“ се закотви во истанбулскиот пристан. Беше пријатна ѕвездена ноќ. Колароски се симна и побара пајтон. Во раката држеше голема патна торба. Само што ја пренесе нарачката и се смести во кабината, внатре му се придружи полковникот Федоров. Во раката држеше револвер.
– Нова адреса, момче – полковникот зборуваше лош турски. – Вози за Касим-паша. За детали кога ќе стасаме таму!
– И сега? – имаше иронија и изненадување во гласот на Колароски.
– Молчи и слушај што ќе ти кажам!
– Ти си веројатно врската со грофот Максим Ушански?
– Реков да молчиш.
Нешто повеќе од половина час возење, стасаа на целта.
– Ајде сега продолжи кон Мелек сокакот, момче.
Некаде зад големото здание на Диван хане, запреа пред една луксузна вила.
– Излегувај надвор – нареди полковникот, и плати оти јас немам пари со мене.
Колароски се насмеа и ја завлече раката во џебот од капутот.
– Внимателно – го предупреди Федоров и покажа дека револверот дискретно е вперен во него.

Неколку гавази ги пречекаа во прекрасно средената градина. Во рацете држеа карабини. Мајордомот ги поведе кон кабинетот на грофот Смирнов.
– Простете што постапивме така како што постапивме, господин Колароски. Се плашевме од вашата реакција.
– Малку сум разочаран од постапката, но можеби има логика во сето тоа.
Веднаш беше понуден со француски коњак. Грофот замоли да наздрават откако ќе ја средат сметката.
– Неговиот ортак исчезна некаде кај тврдината Анадол, на влезот од Босфор, ваше благородство – се пожали полковникот Федоров. – И покрај целосно надгледување, јас му го загубив трагот.
– Тоа воопшто не ме интересира доколку господинот Колароски си ја исполни обврската. Би сакал да ве замолам да ја отворите патната торба.
Колароски стана и ја стави торбата пред грофот. Сега можеше одблиску да му ја види тешката изгореница од лицето. Тој ја отвори и го извади ковчежето. Потоа го крена капакот. Внатре имаше големо клопче од скапоцености. Грофот стана и ги помилува со раката. Потоа погледна во соговорникот. Во очите му молсна чуден сјај.
– Само ова?
– Најпрвин остатокот од исплатата, гроф Смирнов.
– Преображенски – грофот му се обрати на книговодителот – исплати го човеков.
Книговодителот излезе од кабинетот и брзо се врати со пачка зелени банкноти. Тој ги стави пред Колароски.
– Јас го направив моето – грофот ги рашири рацете. – Сега редот е на вас да си го исполните ветувањето.
– Вашата реликвија и поголемиот дел семејни скапоцености се на сигурно, гроф Смирнов. Заради мојата лична безбедност, мојот пријател Карпис Карапетјан се симна од параходот кај тврдината Анадол.
Грофот гневно тресна со тупаница по столот. Од очите му излетаа секавици.
– Мразам игри, мразам отстапки од договореното!
– Има уште нешто, гроф Смирнов.
Грофот подголтна и се врати на своето место.
– Дали познавате лице по име Наташа Смирнов?
Грофот се вџаши.
– Од каде сега таа дама? – гласот на грофот трепереше. Човекот се почувствува несигурно.
– Не добив одговор од вас, грофу.
– Не познавам никаква Наташа Смирнова. Впрочем, што бара таа во нашава приказна, господин Колароски. Просто, вие треба да ми го врачите она што беше договорено, а за кое јас чесно ве исплатив.
Колароски воздивна и се насмеа:
– Таа жена, Екатерина Гордеева Смирнов, ја плати вашата физичка ликвидација.
Федоров, мајордомот и до нив присутниот телохранител, ги вперија револверите во Гаврило Колароски.
– Бидете прибрани – нареди грофот. – Јас и господинот лесно ќе ја доведеме галијата во мирен пристан. Значи, потребно е да ми ја опишете дамата, а потоа ќе зборуваме за вашиот ангажман.

– Нема да заобиколувам, грофе. Пред сѐ, не ми е ниту на крајот од умот да стрелам во вас. Едноставно, јас убивам само ако околностите ме натераат на таков гнасен чин. Што се однесува до неа, можеби ќе морате да појдете со мене во мојот офис за да ја запознаете.
– Накратко да ја оставиме неа настрана. Кажете ми зошто игра со реликвијата за која ве исплатив? Зошто вашиот пријател дискретно го напушти параходот и не дојде со вас во мојот дом?
– Чинам дека одговорот веќе го знаете. Не знам како ќе поминевме со вас и вашите луѓе ако ви ја предадевме реликвијата? Човеку, вас ве чува мала армија гавази. Освен тоа, можеби ќе бев принуден да ја извршам обврската преземена од Наташа Смирнова пред сѐ поради силувањето. Што зборува таа жива рана на вашето лице? Таа е последица на борбата со неа.
На грофот му заиграа вилиците.
– Тоа не е во сферата на вашиот интерес, господине Коначар. Дали таа знаеше за реликвијата? Ангажманот… кога го склопивте со неа? Дали пред да се договориме вие и јас или потоа?
– Се разбира потоа. Затоа предност ви давам вам, ваше благородство, гроф Смирнов. Дали таа е во право?
– Што би ви сменило тоа? Ние двајца имаме договор, јас го исполнив, редот е на вас.
– Како што и мислев, вие сте лажниот гроф Максим Ушански. Ако таа дама води потекло од семејството Смирнов, реликвијата ќе ѝ биде врачена без сомнеж дека тоа нема да се случи.
Грофот скокна како петел:
– Што тропаш ти, Коначару?
– Јас, Гаврило Колароски, во животот научив да изведам посебно од општо. Тоа се вели дедукција. Маката ме научи да бидам и практичен, но и студиозен. Внимателно го проучив досието на семејството Смирнов и потоа тргнав на пат за да ја реализирам обврската преземена од вас. За време на престојот во Одеса во која поминав добар дел од мојата младост, контактирав со луѓе што се занимаваат со родословие и историјат на богатите семејства. Така дојдов до сознание дека Максим Ушански Смирнов умрел во 1917 година. Тоа е годината кога се случила големата револуција. Во збрката и ловот по неговото богатство, меѓу кое посебно значајно било јајцето со стеблото изработено од мајсторот Фаберже, верен слуга на грофот постапил по неговото барање од смртниот час. Веднаш по погребот, го ставил сето богатство на грофот во празен сандак со името и родословието на еден далечен предок. Се разбира, грофот пред тоа побарал од него да земе дел што заслужено му припаѓал служејќи му до смрт.
– Ти… зарем мислиш дека жив ќе излезеш од мојот дом?
– За мојата судбина знам, но за твојата генералу Роман Василевич Дворников не би можел да гарантирам.
– Од каде го дозна мојот идентитет? – грмеше лажниот гроф.
– Како би било да му свирнам еден куршум во главата, генералу? – се јави полковникот Иван Михајлович Федоров.
– Беше будалетинка, таков и остана Федоров! Да не си се обидел. Нема грешки сега откако дојдовме до богатството на Смирнови.
– Вистинска одлука, генералу – се насмеа Колароски и ја крена чашката со коњак. – Ајде да наздравиме за вистината!
– Немој! – вресна генералот и скокна како попарен.

Љубомир Јованоски-Кара