Фото: Пиксабеј

Учењето музика може да му донесе на детето многу повеќе од способноста да отсвири песна или композиција. Голема метаанализа објавена во списанието „Фронтиерс ин сајколоџи“ (Frontiers in Psychology) покажува дека музичката обука е поврзана со подобар развој на некои од способностите што му помагаат на детето да го контролира вниманието, да памети информации и да ги совладува импулсивните реакции.

Истражувачите анализирале 46 студии со вкупно 3.530 деца на возраст од три до 12 години. Најголем ефект бил забележан кај таканаречената инхибиторна контрола – способноста детето да ја запре автоматската реакција и вниманието да го насочи кон она што во моментот е важно.

Причината може да се бара и во комплексноста на самото занимавање со музика. При свирењето детето мора истовремено да слуша, да го следи ритамот, да памети, да ги координира движењата и да ги коригира грешките додека продолжува да свири.

Дека корист можат да имаат и пократки музички активности покажува и истражување објавено годинава, исто така во „Фронтиерс ин сајколоџи“ (Frontiers in Psychology). Во него 115 деца на возраст од четири и пет години учествувале во десетминутни дневни активности со слушање музика и плескање во ритам во текот на четири недели, а научниците ги следеле промените во работната меморија, самоконтролата и когнитивната флексибилност.

Истражувањата не значат дека музиката автоматски ќе го направи детето поинтелигентно. Но покажуваат дека активното занимавање со музика може да биде вредно за развојот на способности што детето ги користи и надвор од музичката училница, дури и ако никогаш не стане професионален музичар.