Изложба на скулптури „Ризница на добродетели“ на монахињата Ана Пановска

Несекојдневно уметничко доживување за кавадарчани приреди првата самостојна изложба на скулптури под наслов „Ризница на добродетели“ на монахињата Ана Паноска, која во рамките на манифестацијата „Кавадаречко културно лето“ беше отворена во галеријата на домот на културата „Иван Мазов-Климе“. Поставката е составена од тринаесет скулптури, од кои десет изведени во комбинирана техника, две скулптури во гипс и една резба во медијапан. Секое дело претставува самостојна целина, но истовремено е дел од една поширока визуелна литургија, во која секој лик, секој гест и секој материјал учествуваат во единствен духовен наратив.
– Особено значајно место во творечкиот концепт зазема хартијата – материјал што во својата привидна кревкост ја содржи метафората на човечкото битие. Од нешто што лесно може да се распадне, авторката создава форми што се стремат кон вечноста. Во тој преобразувачки чин, материјалот ја надминува својата физичка природа и станува носител на духовно значење. Хартијата не е само подлога врз која се запишува словото, таа самата станува слово, тело и сведоштво. Затоа не случајно секоја скулптура е придружена со свиток, на кој се испишани библиски и светоотечки текстови. Тие не функционираат како објаснувачки натписи, туку како органски дел од уметничкото дело. Во православната духовна традиција, словото никогаш не е одвоено од образот, текстот и ликот заедно ја откриваат полнотата на вистината. Така, посетителот не е повикан само да гледа туку и да чита, да размислува и, пред сѐ, да созерцува. Просторот на изложбата постепено се преобразува во простор на внатрешен дијалог, каде што визуелното искуство се соединува со тишината на духовното читање. Ликовите што ги олицетворуваат љубовта, верата, надежта, мудроста и другите добродетели не се алегории во класична смисла на зборот. Тие се архетипски личности, лишени од секоја театралност и патетика, чија воздржана пластика ја открива тивката величина на духовниот подвиг. Во нивната тишина одекнува онаа духовна сила што според светоотечкото предание ја преобразува човечката природа – вели кураторката на изложбата, Марина Убавкова.

Изложбата „Ризница на добродетели“ на авторката Ана Паноска претставува уникатен пример на современа македонска скулпторска практика во која уметничкиот израз и православната духовност се во длабоко органско единство. Изложбата претставува духовна целина, визуелен патоказ кон онаа внатрешна ризница што не се мери со материјално богатство, туку со степенот на преобразеноста на човечкото срце. На отворањето на својата прва изложба во Кавадарци, монахињата Ана Паноска во своето обраќање потенцира дека „Ризници на добродетели“ е изложба што ја истражува човековата внатрешна убавина преку скулптури изработени од хартија. Секој портрет за неа претставува личност што во себе носи препознатлив добродетел – смирение, љубов, вера, надеж, мудрост… Овие фигури не се само претстави на индивидуи туку симболи на универзални човечки вредности што го збогатуваат општеството и го обликуваат нашиот духовен свет. „Ризница на добродетели“ е покана за размислување за вредностите што ги носиме во себе и за луѓето што, со својот пример, оставаат траен белег во нашите животи.
Ана Паноска оваа година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје дипломира на отсекот ликовна педагогија, и тоа со највисок просек. Во 2005 година донесува животна одлука да се замонаши. Низ духовниот подвиг нејзиниот уметнички талент добива нова смисла и станува средство за сведочење на православната вера. Важи за исклучителен познавач на византиската уметност и продолжува да ги развива своите дарби во повеќе области на сакралното творештво: иконопис, фрескопис, цртање врз платно, цртање врз пченица (коливо) и изработка на рачно моделирани восочни свеќи.