ФУДБАЛ
- По последната победа на Аргентина беа поттикнати политички тензии околу натпреварот оти некои од нејзините играчи славеа држејќи транспарент на кој пишуваше „Фолкландските Острови се аргентински“
Аргентинската фудбалска асоцијација објави дека 15 јули ќе биде Ден на националните фудбалски тимови за да се одбележи победата на Аргентина над Англија во полуфиналето на Светското првенство (СП) во 2026 година, токму на тој датум. Кандидирајќи се за своето прво финале на СП од 1966 година, Англија поведе во напната игра во Атланта со голот на Ентони Гордон во 55-та минута. Но Аргентина постигна два гола, во 85-та и 92-та минута за да ги скрши англиските срца и да победи со 2-1. Аргентина потоа загуби со 0-1 од Шпанија во финалниот меч, додека Англија ја победи Франција со 6-4 и го освои третото место.
Победата дојде 40 години по претходната голема победа на Аргентина над Англија на СП во контроверзниот четвртфинален триумф на СП во 1986 година.
По последната победа на Аргентина, политичките тензии околу натпреварот беа поттикнати, оти некои од нивните играчи славеа држејќи транспарент на кој пишуваше „Фолкландските Острови се аргентински“, пишува „Би-би-си“.
Фолкландските Острови, британска прекуокеанска територија во југозападниот Атлантски Океан, остануваат предмет на спор за суверенитет меѓу Велика Британија и Аргентина. Аргентина, во тоа време управувана од воена хунта предводена од генерал Леополдо Галтиери, во 1982 година ги нападна островите сместени на 300 милји од источниот брег на Аргентина. Конфликтот, кој траеше 74 дена помеѓу април и јуни 1982 година, доведе до смрт на 655 аргентински и 255 британски војници. Три лица од островите, исто така, загинаа. На референдумот во 2013 година, 99,8 отсто од жителите на Фолкландските Острови гласаа да останат територија на Велика Британија, пишува „Би-би-си“. Г.И.
































