Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) спроведе вонредни инспекциски надзори во здравствените установи каде што се лекувала пациентката С.М., соопшти Министерството за здравство.
Надзорите биле извршени во Општата болница во Струмица, Клиничката болница во Штип и на Универзитетската клиника за неврологија. Инспекторите извршиле увид во медицинската документација и здравствената евиденција, а земени се и изјави од здравствените работници кои учествувале во лекувањето.
Поради сериозноста на здравствените компликации кај пациентката, донесена е одлука да се спроведе стручен надзор над целокупниот тек на породувањето и натамошниот третман.
Комисијата што ќе го спроведе надзорот е составена од специјалисти по неврологија, анестезиологија, гинекологија, радиологија и неврохирургија.
Од Министерството информираат дека, по барање на министерот за здравство, во работата на комисијата ќе биде вклучен и медицински експерт од соседна држава, со цел да се обезбеди независна, објективна и целосна стручна процена на случајот.
Странскиот експерт ќе учествува во анализата на целокупната медицинска документација и во изготвувањето на стручното мислење за преземените дијагностички и терапевтски постапки.
Од Министерството најавија дека по завршувањето на стручниот надзор, јавноста ќе биде информирана за наодите и заклучоците.

































