Министерката за образование и наука Весна Јаневска предупреди дека новата учебна година ќе започне со значително помал број ученици, пред сè поради драстичниот пад на бројот на запишани првачиња.
Според неа, во учебната 2026/2027 година досега се запишани околу 4.900 првачиња помалку во споредба со лани, а и по завршувањето на дополнителните уписи се очекува бројот да биде најмалку 3.000 помал од минатата година.
– Бројката сè уште не е конечна, бидејќи уписите продолжуваат, но и со дополнителните запишувања ќе имаме најмалку 3.000 првачиња помалку. Тоа е сериозен демографски проблем и очекуваме овој тренд да продолжи и следната година – изјави Јаневска.
Таа оцени дека станува збор за загрижувачки податоци, потсетувајќи дека и Државниот завод за статистика веќе укажал на негативните демографски трендови.
– Како Министерство правиме сè што е во наша надлежност за да ги подобриме условите за образование и да придонесеме младите да останат во државата – рече министерката.
Осврнувајќи се на реформите во образованието, Јаневска информираше дека едносменска настава веќе е воведена во повеќе од 200 училишта.
Најголем напредок, како што посочи, има во општините Кавадарци, Ѓорче Петров, Прилеп, Битола и Штип, додека најголем предизвик остануваат скопските општини поради зголемениот број ученици.
– Работиме на доградба на училишта и изградба на нови училници. Целта е до крајот на мандатот едносменската настава да стане реалност во сите училишта во државата – истакна Јаневска.

































