Добитник на Светската награда на хуманизмот за 2026 година, со која Охридската академија на хуманизмот го слави делото на Свети Климент Охридски на сите светски меридијани, е Кристоф Бенедиктер, претседател на Европската асоцијација на истражувачи и професори (AEREP), еден од најистакнатите современи европски интелектуалци и афирматори на академската и културната соработка меѓу народите на Европа.

Меѓународното жири ја донесе оваа одлука како признание за исклучителниот придонес на Кристоф Бенедиктер во развојот на европскиот образовен, научен и културен простор, но и за неговата долгогодишна посветеност на Балканот како еден од клучните мостови на европската интеграција, културна соработка и академски дијалог. Како претседател на Европската асоцијација на истражувачи и професори (AEREP), тој повеќе децении активно работи на поврзувањето на универзитетите, научните институции и интелектуалните средини од Југоисточна Европа со најзначајните европски академски центри. Следејќи ја визијата на големиот австриски уметник и европеист Леополд Форстнер (1878–1936), современик и соработник на Густав Климпт и учесник во Првата светска војна за време на која изработува поголем број цртежи и слики од светите места во неколку градови во Македонија, Бенедиктер постојано се залага за надминување на историските поделби преку културата, образованието и науката. Тој како миротворец и хуманист, е еден од основачите на Музејот на Фостнер во австрискиот град Линц, кадешто се изложени експонатите поврзани со Македонија.

Неговите бројни иницијативи, конференции и меѓународни проекти овозможија афирмација на балканските научници, истражувачи и културни дејци во европски рамки, придонесувајќи за создавање нови простори на соработка меѓу народите од регионот. Преку својата работа, Кристоф Бенедиктер ја потврдува идејата дека Балканот не е периферија на Европа, туку едно од нејзините суштински духовни и културни средишта, каде што се среќаваат традициите на Истокот и Западот, претворајќи ги вредностите на хуманизмот, толеранцијата и дијалогот во темел на заедничката европска иднина.

Кристоф Бенедиктер е дваесетти добитник по ред на ова високо меѓународно признание со кое Охридската академија на хуманизмот досега ги овенча нобеловците Александр Солжењицин и Херта Милер, како и светски познатите личности Даисаку Икеда, Рави Шанкар, Питер Брук, Маноел де Оливеира, Романо Проди, Светлана Мојсов и други истакнати хуманисти и визионери на нашето време.
Во писмото упатено до претседателот на Меѓународното жири, амбасадорот Јордан Плевнеш, проф. Бенедиктер изрази благодарност за укажаната чест, нагласувајќи дека Охрид претставува едно од најзначајните духовни и културни средишта на Европа, чија традиција на знаење и хуманизам претставува инспирација за современиот свет.

Свечената церемонија на доделувањето на Светската награда на хуманизмот ќе се одржи на 9 август 2026 година, со почеток во 12 часот, на празникот „Св. Климент Летен“, во Куќата на Уранија на Македонската академија на науките и уметностите во Охрид.

Во рамките на свеченоста ќе бидат одбележани и вредностите на Охридската книжевна школа, основана од учениците на Светите Кирил и Методиј, која претставува еден од темелите на европската духовна и културна традиција. На настанот ќе присуствуваат претставници на академски институции, универзитети, културни организации и јавни личности од Европа и светот.

Свеченоста ќе започне со поздравно обраќање на Претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, Академик Живко Попов, Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков и Претседателот на Охридската академија на хуманизмот, Јордан Плевнеш. По беседата за делото на лауреатот, проф. д-р Кристоф Бенедиктер, тој ќе се обрати до присутните со свечена реч, посветена на иднината на европскиот хуманизам, образованието и културниот дијалог.

На свеченоста ќе се обратат и истакнати научници, професори, академици и претставници на меѓународни институции од Европа и светот, како Жан-Патрик Конрад, Професор од Империјал колеџ од Лондон и Претседател на Европската академија на науките уметностите и книжевностите, Романо Проди, Екс-премиер на Италија и Претседател на Европската комисија, Принцот на Црна Гора, Никола Петровиќ Његош, Академик Далимир Хајко, Филозоф од Братислава, Марија Брандл, пубицист од Австрија, Проф. д-р Владимир Поповски од Универзитетот во Барцелона, Академик Паскуале Латиери и проф.д-р Летиција Бонели од Италија, Проф. д-р Љубомир Тевдовски, проф.д-р Љубомир Кекеновски, проф.д-р Анис Сефиданис, проф. д-р Зенделабедин Шехи, проф. д-р Елизабета Шелева итн. Воедно во оваа пригода на Архепископот Охридски и Македонски Г.Г. Стефан, ќе му биде врачена Големата повелба на хуманизмот, по повод четириесетгодишнината од неговото замонашување, а воедно ќе му биде врачен и првиот примерок од Поетскиот еп за Неговата мисија од проф. д-р Зоран Пејковски.

Овој настан се организира по дваесетти пат во соработка Македонската академија на науките и уметностите и со поддршка на Министерството за култура и туризам, Општина Охрид и повеќе меѓународни академски и културни институции.
Со доделувањето на Светската награда на хуманизмот на Кристоф Бенедиктер, Охридската академија на хуманизмот продолжува да ја афирмира мисијата на Свети Климент Охридски и универзалните вредности на хуманизмот, знаењето и духовното единство на човештвото.