Фото: Маја Јаневска-Илиева

ОДБОЈКА – ЛИГА НА НАЦИИТЕ

Полска ја одбрани титулата

Машката одбојкарска репрезентација на Полска го освои златниот медал во годинашната Лига на нациите (ЛН), откако во финалето на завршниот турнир одигран во Нингбо (Кина), во драматичен и крајно неизвесен меч ги победија САД со 3-2 во сетови (25-21, 23-25, 25-27, 25-23, 15-10). Најефикасен играч во полската репрезентација, предводена од српскиот селектор Никола Грбиќ, беше Камил Семењук со 17 поени, додека Вилфредо Леон и Томаш Форнал постигнаа по 15. Најдобар играч, пак, во репрезентацијата на САД беше Џејк Хејнс со 21 поен, додека Метју Андерсон впиша 20. За најдобар играч на завршниот турнир беше прогласен полскиот одбојкар Форнал.
Полска го освои златниот медал во Лигата на нациите по третпат во својата историјата, по шампионските титули во 2023 и 2025 година, додека САД беа поразени по четврти пат во финалето на ова квалитетно натпреварување (2019, 2022, 2023 и 2026). Г.И.


ТЕНИС

Следна цел на Зверев е да биде број 1 во светот

Александар Зверев симна голем товар од своите рамена годинава кога првпат стана победник на тениски гранслем-турнир, со триумфот на Ролан Гарос. Тој сега цели кон нешто повеќе, не само во однос на збогатувањето на својот кабинет со трофеи туку и кон дополнително зацврстување на своето место во историјата на тенисот, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП). Првиот носител на годинашниот турнир во Монтреал, Зверев, беше прашан дали станувањето тенисер број 1 на ранг-листата на АТП е приоритет.
– Секако, тоа е цел. Тоа дефинитивно е моја цел. Мислам дека сѐ уште играњето на најдобриот можен тенис секогаш треба да биде цел број еден, бидејќи тогаш ќе следуваат резултатите, ќе следува освојувањето турнири, ќе следуваат рангирањата. Значи, сѐ додека се фокусирате на подобрување на себеси, подобрување на вашата игра и обид да играте најдобро што можете, мислам дека сѐ друго е нешто што ќе следува потоа – рече Зверев на својата прес-конференција пред турнирот, пренесе АТП.
Јаник Синер моментно е на врвот на ранг-листата на АТП со 13.450 поени, а Зверев има 8.480, но таа разлика не ја раскажува целата приказна, пишува АТП. Зверев има само 1.410 поени помалку од Синер на АТП-листата во живо во трката за завршниот турнир во Торино, која ги следи освоените поени во календарската година. Трката за првото место би можела да се загрее како што продолжува годината. Н.М.