ВТОРА ШАХОВСКА ЛИГА
- Поединечно импонираше членот на ШК Капабланка, Мајкл Бурнс (17), кој ја освои титулата ФИДЕ-мајстор, а беше и најуспешен играч на прва табла
Во хотелот „Сириус“ во Струмица неодамна заврши Втората шаховска лига екипно за мажи и за жени за годинава, која имаше квалификациски карактер, односно двете првопласирани екипи во двете конкуренции обезбедија учество во Првата машка, односно женска лига. Кај шахистите, по одиграни девет кола, меѓу 10 екипи, првото место го освои ШК 7. Ноември од Гевгелија со 16 бода, (33,5 поени по табли), додека втор беше ШК Штајниц од Битола со 15 бода, (33,5). Кај шахистките настапија само три екипи, па се играше двокружно секој со секого. По четири одиграни кола, прва е екипата на Прилеп со осум бода (15 поени по табли), втора Цареви кули од Струмица со три бода (пет поени), а трета 7. Ноември со еден бод (четири поени). Првите две екипи се пласираа во Првата женска лига за годинава, за разлика од мажите, кои ќе играат следната 2027 година. Кај мажите беа пријавени вкупно 99 играчи (два ИМ, пет ФМ, еден ЖФМ, еден КМ) од три шаховски федерации, а кај дамите 17 шахистки (еден ЖФМ) од две шаховски федерации.
Поединечно импонираше 17-годишниот член на ШК Капабланка, Мајкл Бурнс (2.158 р.п.), кој имаше најдобар резултат на првата табла, 7,5 поени од девет можни, освои нови (91,2 р.п.), со што ја надмина границата од 2.300 поени (2.308) и со тоа ја освои титулата ФИДЕ-мајстор. Добро одигра и неговиот клупски колега Даниел Стефаноски, кој како најдобар играч на четвртата табла освои исто така 7,5 поени и нови 130 р.п.! Во текот на квалификациите, екипите ги посети и новиот претседател на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), Дејан Панделески, кој притоа разговараше со дел од учесниците, а се информираше и за условите за игра.
Табела, мажи: 7. Ноември 16, Штајниц 15, Кочани 13, Капабланка 13, Карпош 8, Шах Шех 7, Каменица 7, МШК Центар 5, Теута 4, Пелагон 2 бода.
Табела, жени: Прилеп 8, Цареви кули 3, 7. Ноември 1 бод. Г.И.































