фото: „Нова Македонија“

По повод Илинден:

  • Македонското знаме можеш да го ротираш. Можеш да го превртуваш. Можеш да се обидеш да му ја смениш положбата. Но не можеш да му ја смениш суштината!
    И токму затоа македонското знаме не може вистински да биде закачено наопаку! Не затоа што тоа не го дозволува протоколот. Туку затоа што тоа не го дозволува симболот! Сонцето нема горе и долу. Има само изгрејсонце. Во тоа има нешто длабоко македонско!

Знамињата како државни или национални симболи некогаш биваат закачени наопаку. Тогаш нивната порака се менува. Тие стануваат знак со кој што се објавува длабока неволја, стануваат порака на пораз, на очај… за оној/оние кој така го развиориле.

Но постои едно знаме што не знае што значи да биде развиорено наопаку. Тоа е македонското знаме. И државното и националното. Македонското сонце!
Како и да го завртиш, тоа е на исправна страна завртено. Тоа не престанува да биде вистински симбол. Вистинско сонце. Тоа не престанува да зрачи. Не престанува да изгрева. Не престанува да ја носи истата вечна порака – дека светлината нема спротивна страна.
Токму во тоа е неговата сила.

Македонското знаме можеш да го ротираш. Можеш да го превртуваш. Можеш да се обидеш да му ја смениш положбата. Но не можеш да му ја смениш суштината!
И токму затоа македонското знаме не може вистински да биде закачено наопаку. Не затоа што тоа не го дозволува протоколот. Туку затоа што тоа не го дозволува симболот!
Сонцето нема горе и долу.
Има само изгрејсонце. Во тоа има нешто длабоко македонско. Нешто што како симболика наликува на пирејот од романот „Пиреј“. Колку повеќе го корнеш, толку пожилаво никнува. Колку повеќе мислиш дека си го оттурнал од земјата, толку подлабоко сфаќаш дека коренот останал таму каде што отсекогаш бил.
Тоа не е само приказна за растение.
Тоа е приказна за народ.
За истрајност што не бара дозвола. За достоинство што не зависи од туѓото признание. За надеж што не се мери според тежината на искушенијата.

Македонија премногу пати во својата историја слушнала дека е на колена. А сепак, секојпат кога некој ќе ја отпише, таа повторно се исправува. Не со врева. Не со омраза. Туку со онаа тивка, упорна сила што ја имаат само оние кои знаат дека нештата кои сакаат да го сотрат, не се посилни од коренот.
Затоа македонското знаме не е само платно кое може да биде превртено наопаку. Тоа и судбински не може. Тоа е македонска судбина. Тоа е ветување. Дека и кога ќе дуваат најсилните ветрови, нема да престане да се вее. Или нема да биде оддувано. Дека и кога некој ќе посака да му ја смени смислата, нема да успее да му ја одземе суштината.
Македонското сонце не победува затоа што никогаш не било изложено на бури. Напротив. На бури тоа уште подобро и посилно се веело. И опстанува по секоја бура, а сонцето повторно изгрева.
И затоа секој Илинден е повеќе од датум кога гордо се истакнува знамето! Тоа е потсетник дека има светлина која не може “да се преврти”. Дека има народ кој не се мери по бројот на падовите, туку по бројот на станувањата. Дека има знаме кое, како и да се заврти, останува исправено во срцата на оние што го носат со чест. Некои симболи можат да се свртат наопаку. Македонското сонце – никогаш! Затоа што сонцето не знае да паѓа.
Тоа знае само да огрее. Како Македонија и Македонците!
Честит и вечен Илинден! Вечна Македонија!

Илустрација: „Нова Македонија“

Редакција Нова Македонија