Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека Владата постигнала значителен напредок во земјоделскиот сектор, посочувајќи дека состојбите денес се значително подобри во споредба со периодот пред една година. Како клучни резултати ги наведе зголемената исполнетост на акумулациите за наводнување, редовната исплата на субвенциите, подобрувањето на состојбата во јавните претпријатија, како и растот на производството и откупните цени на тутунот и лозјето, пренесе МИА.
Одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Општина Илинден, Мицкоски истакна дека во август минатата година акумулациите за наводнување биле исполнети само осум проценти, додека денес нивото надминува 70 проценти.
-Со домаќинско работење и начинот на кој функционира оваа Влада, капацитетот на акумулациите е зголемен речиси десеткратно. Кога се прават споредби, мора да се гледа како било претходно и каква е состојбата денес, а не да се зборува врз основа на чувства – изјави премиерот.
Тој потсети дека при преземањето на власта вработените во водостопанството и Национални шуми имале неисплатени три плати, а исплатата на земјоделските субвенции доцнела за речиси две програмски години.
Според него, состојбата денес е стабилизирана, а деблокиран е и кредитот од 80 милиони евра од KfW Банката, кој ќе биде наменет за реализација на три нови проекти за наводнување.
-Со проектот ‘Страиште’ веќе започнуваме со подготовка на тендерската постапка. Станува збор за проект за кој граѓаните седум години плаќале камата, а без да има реализација. Сега конечно го ставаме во функција – рече Мицкоски.
Премиерот нагласи дека позитивни резултати се бележат и во производството на тутун и грозје.
-Откупот на тутун се зголеми од околу 16 на 26 милиони килограми, додека откупната цена порасна од 150–160 на 420–430 денари за килограм. Кај лозарството, очекуваме годинава родот да достигне околу 120 милиони килограми, наспроти 60 до 70 милиони килограми претходно. Ова се конкретни показатели кои не можат да се оспорат – изјави Мицкоски.
Тој порача дека Владата ќе продолжи со политиките насочени кон модернизација и понатамошен развој на земјоделството.


































