- Таму сме каде што сакаме да бидеме. Имаме привилегија да претставуваме прекрасна репрезентација со исклучителни фудбалери. Но вистинската предност што ја имаме е тоа што бараме добри сопатници, луѓе со вредности и принципи што ни го олеснуваат животот, а во исто време се многу талентирани. Кога гледате низ сѐ што поминавме, сфаќате колку беше важен овој процес. И тоа не е нешто што се случи за време на ова Светско првенство, туку се случува веќе неколку години, рече селекторот Де ла Фуенте
Шпанскиот фудбал достигна свое ниво. Победата на Шпанија на Светското првенство (СП) се додаде на долгата листа неодамнешни триумфи во машки, женски и младински натпреварувања, истакнувајќи ја доминацијата на системот што се држи до тактичкиот идентитет и развојот на колективниот талент, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Машката репрезентација е, исто така, актуелен европски шампион, освојувач на златен олимписки медал и двапати стигна до финалето на Лигата на нациите, освојувајќи ја еднаш. Женската репрезентација е актуелен светски првак и двократен победник на Лигата на нациите за жени. Исто така, стигна до финалето на Европското првенство во 2025 година. Шпанија е првата земја што истовремено ги има титулите на светските првенства за мажи и за жени и е единствената земја со два триумфи на СП за мажи во овој век. Шпанија исто така освои неколку младински турнири во претходните години и со машката и со женската репрезентација.
Машката сениорска репрезентација собира титули откако постепено беше обновена по заминувањето на златната генерација, која ја освои првата светска титула во 2010 година, со играчи како Андрес Иниеста, Чави Ернандез, Серхио Рамос и Жерар Пике. Фудбалери како Ламин Јамал, Пау Кубарси, Родри и Феран Торес, сега се оние што претставуваат нова генерација што ја врати Шпанија на врвот.
– Многу сум емотивен кога се осврнувам назад,. Разговаравме за тоа со играчите, освоивме сѐ, прекрасно е… Тоа е генерација играчи што беа пример за шпанскиот спорт, за младите Шпанци, за Шпанија. Заедно сме посилни – рече селекторот на Шпанија, Луис де ла Фуенте.
Шпанија не помина осминафинале на светските првенства за мажи откако ја освои титулата во Јужна Африка во 2010 година. Таа е во конкуренција за речиси секое натпреварување во кое играла откако Де ла Фуенте дојде во 2022 година, а нејзината серија од 38 меча без пораз е најдолгата во машкиот меѓународен фудбал, пишува АП.
Колективен талент
И покрај многу талентираната група фудбалери, најмногу импресионира колективната изведба на Шпанија и тимот не мораше да се потпира на ѕвездени играчи. Исто така, напредуваше во одбраната, со солидна задна линија и неуморна потрага по враќање на поседот на топката.
– Игравме против најдобрите национални селекции во светот, но бевме најдобриот тим во светот. Многу сум горд на оваа генерација играчи. Тие пораснаа со оваа идеја, беа лојални на оваа идеја, ни дадоа пример за група, за тим, за семејство. Многу сум горд на нив. Чест ми е – рече Де ла Фуенте.
Како други репрезентации можат евентуално да го реплицираат шпанскиот систем?
– Со работа. Размислете како сакате да му пристапите на тоа на секое ниво и да играте на ист начин. Затоа тие доминираат во светскиот фудбал на секое ниво, мажи и жени, не е важно, тие му пристапуваат на тоа на ист начин – рече поранешниот француски репрезентативец Тиери Анри, коментатор за „Фокс спортс“, по финалето на СП 2026, пренесе АП.
Успех во младинскиот систем
Неодамнешниот бран на успех може да влече корен од изненадувачкото ангажирање на Де ла Фуенте, по елиминацијата на репрезентацијата од Мароко во осминафиналето на СП 2022 во Катар. Де ла Фуенте беше релативно непознат во тоа време, но Шпанската фудбалска федерација го познаваше добро, пишува АП.
Со неговото ангажирање, Шпанија всушност се обложуваше на својот младински систем, бидејќи Де ла Фуенте веќе некое време ги тренираше помладите шпански репрезентации. Тој беше добро запознаен со процесот на Фудбалската федерација за всадување тактички идентитет на сите нивоа, и во машките и во женските селекции, овозможувајќи им на играчите од младинските репрезентации да поминат низ беспрекорен премин во главните селекции. Таков беше случајот со играчи како Јамал, Кубарси, Нико Вилијамс, Педри и Гави, кои се меѓу младите што се подготвени да го одржат подемот на машката репрезентација на Шпанија, пишува АП.
– Кога гледате низ сѐ што поминавме, сфаќате колку беше важен овој процес. Секако, немаше да можеме да го направиме она што го направивме денес ако не го поминавме овој процес со овие играчи. И тоа не е нешто што се случи за време на ова Светско првенство, туку се случува веќе неколку години – рече Де ла Фуенте.
Тактички идентитет
Шпанскиот стил „тики-така“, на вреднување на поседот на топката и фокусирање на брзите додавања, што доведе до титулата на Светското првенство во 2010 година и победите на европските првенства во 2008 и во 2012 година, беше нападнат откако националниот тим почна да има проблеми. Некои рекоа дека на стилот му недостига ефикасност, а неколку тренери направија некои промени со текот на времето. Но Шпанија никогаш не ја напушти целосно идејата за контрола на поседувањето топка за да доминира во натпреварите.
Дел од успехот на Де ла Фуенте произлезе од неговата способност да го натера својот тим успешно да ги комбинира поседувањето топка и ефикасноста. И тоа се покажа кога Шпанија беше водечка на СП 2026 и во додавања и во удари во гол.
Тренерска вештина
Неодамнешниот успех на Де ла Фуенте брзо го стави во групата шпански тренери што ги водеа репрезентациите и им помагаа на клубовите да напредуваат низ целиот свет. Пеп Гвардиола, Луис Енрике, Микел Артета, Унаи Емери, Чаби Алонсо и Роберто Мартинез се меѓу успешните тренери што шират шпански тактики насекаде, уште еден знак за вредноста на Шпанија во глобалниот фудбал.
– Таму сме каде што сакаме да бидеме. Имаме привилегија да претставуваме прекрасна репрезентација со исклучителни фудбалери. Но вистинската предност што ја имаме е тос што бараме добри сопатници, луѓе со вредности и принципи што ни го олеснуваат животот, а во исто време се многу талентирани. Ќе уживаме во ова сега, бидејќи е историско, а потоа повторно ќе почнеме да размислуваме натпревар по натпревар – рече Де ла Фуенте, пренесе „Асошиејтед прес“. Н.М.
































