Фото: Сашо Ставрев и Диоген Хаџи Коста Милевски

Битола разиграна и распеана! Наредните денови, од денеска до 31 јули, Офицерскиот дом-КИЦ Битола ќе биде сценски простор на кој ќе се одвиваат најголемите музичко-сценски настани од програмата на „Илинденски денови“. Фестивалот „Илинденски денови“ не е само фестивал на народни песни и игри, тој во изминативе години се претвори во вистински чувар и сцена на изворната македонска култура и традиција. Големиот број изложби и концерти сведочат за тоа.
Долгогодишниот програмски координатор Валентин Соклевски посочува дека фестивалот повеќе од пет децении има важна улога во зачувувањето и промовирањето на нематеријалното културно наследство, но и во создавањето простор во кој традициите се среќаваат и добиваат нови значења.
– Покрај вечерите на традиционална музика и игра, фестивалот годинава носи голем број изложби, концерти, етнографски филмови, научни презентации, семинари, работилници, детски програми, фестивалски карван и улични перформанси, со што Битола ќе понуди една од најбогатите фестивалски програми во својата историја – нагласува Љупка Стефановска, која детално ги претстави програмските содржини што ќе се реализираат до 31 јули
Годинава фестивалот го носи мотото „Точка на поврзување“.
– Визуелниот идентитет е инспириран од македонската и интернационалната народна носија, како и од глуварчето, чии семиња симболизираат движење, размена и поврзување меѓу културите. Исто како што „Илинденски денови“ веќе 56 години ги поврзуваат културите, традициите и луѓето од сите страни на светот – нагласува директорот на НУ Центар за култура, Сашо Илковски.
Универзитетскиот aнсамбл „Македонија“, одржа целовечерен концерт посветен на традиционалната култура од јужномакедонската етнографска целина, насловен „Банди“, музичка приказна во која уживаа сите присутни. На сцената се изведоа сценски адаптации од пределите Долна Преспа, Леринско Поле, Воденско и Меглен, а премиерно се изведе и новата сценска адаптација со наслов „Корешта“ од Костурско. Со концертот „Малој моме цвеќе брало“, пак, Габриела Новевска приреди вечер во која македонската народна песна не беше музејски експонат, туку живо, современо и длабоко емотивно музичко доживување. Гласот на Габриела Новевска со леснотија се движеше меѓу нежноста и силата, оставајќи простор секој стих да ја раскаже својата приказна. Наместо да ја имитира традицијата, таа ја оживеа, покажувајќи дека народната песна и денес има што да му каже на современиот слушател.

Постојат автори, како што е Бојан Петковски, што го проучуваат фолклорот како архива. Неговата изложба „Танцот на непознатото“ претстави народни носии, кои не стоеја како музејски експонати. Тие изгледаа како да чекаат повторно да бидат облечени, да оживеат. Секој вез, секое зрно, секоја метална пафта и секој конец сведочеа дека народната носија никогаш не била само облека. Таа отсекогаш била идентитет. Оваа изложба совршено се вклопи во духот на „Илинденски денови“.
Изложбата „Допри ја традицијата“, пак, на театарскиот костимограф Благој Мицевски е освежување. Неговите дела не ја копираат традицијата. Тие разговараат со неа. Орнаментите, текстилот и рачната изработка не се претставени како нешто што треба само да се чува, туку како жив материјал што и денес има што да каже.
Во рамките на 56. издание на фестивалот „Илинденски денови“ се отвора и изложбата „Унгарска свадба“ – визуелно патување низ еден од најзначајните животни ритуали, зачуван во неговата автентичност, симболика и емоција. Секоја фотографија носи повеќе од документарна вредност. Таа зборува за семејството, за заедницата, за обредите што ги поврзуваат генерациите и за традицијата што продолжува да живее преку луѓето.

Во Безистенот во Битола се одржа промоција на изложбата на стари фотографии насловена „Од Ат-пазар до Дрвен пазар; калеидоскоп на едно минато време“. Изложбата подготвена од тим од битолскиот архив не е само приказ на стари фотографии туку и живо сведоштво за духот на градот и неговите пазари, кои со векови биле центар на трговијата и општествениот живот.
Изложбата „Тапан – историјат, изработка и развој“, подготвена од Христијан Николовски и ансамблот „Македонија“, е презентирана во НУ Центар за култура – Битола. Тапанот не само што го држи ритамот туку со генерации го чува и пулсот на македонската традиција. Во Заводот и музеј во Битола, пак, е поставена 71. традиционална изложба на Здружението на копаничари на Македонија, во рамките на 56. „Илинденски денови“. Изложба на прецизност, трпение и знаење што не се учи брзо, туку се наследува, се усовршува и им се остава на следните генерации. Во секој рез, орнамент и детаљ живее дел од македонската традиција.

Тони Гламчевски