Фото: МИА

Премиерот Христијан Мицкоски очекува утре надлежните институции да соопштат дека водата во Гостивар повторно е технички исправна за користење, посочувајќи дека во тек е хиперхлорирање на водоводната мрежа и дека досегашните анализи покажуваат позитивни резултати, пренесе МИА.

Одговарајќи на новинарско прашање по увидот во градежните работи на клучката кај Момин Поток, Мицкоски изјави дека екипи на ЈП „Водовод и канализација“ од Скопје се ангажирани во Гостивар и дека санацијата се одвива успешно.

-Екипи од скопски Водовод се во Гостивар и работат на хиперхлорирање на инсталациите. Резултатите од анализите се веќе добри и очекувам утре да биде објавено соопштение дека водата е технички исправна за користење. Во рекорден рок од една недела проблемот беше саниран – изјави премиерот.

Тој нагласи дека Владата ги презела сите мерки што се во нејзина надлежност, додека за утврдување на евентуална одговорност постапува Јавното обвинителство.

-Политиката на Владата е да испорачува резултати и така ќе продолжиме. Одговорноста за тоа што се случи во Гостивар е предмет на постапка на Јавното обвинителство, кое ќе утврди дали постои потреба од дополнително лоцирање одговорност – рече Мицкоски.

Осврнувајќи се на критиките од опозицијата во врска со квалитетот на водата во неколку градови, премиерот оцени дека Владата останува фокусирана на решавање на проблемите, наместо на политички препукувања.

-Ги следам ставовите на опозицијата, но честопати нема суштина што би ја коментирал. Тие се повикуваат на извештаи од периодот кога претседателот на СДСМ беше министер за здравство. Нивната политика е да конструираат лаги и да шират хистерија, додека политиката на Владата е да испорачува резултати и така ќе продолжиме – изјави Мицкоски.