Градежните работи на клучката кај Момин Поток се реализирани 75 проценти, а проектот ќе биде целосно завршен и пуштен во употреба до Нова година, најави денеска градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, при увидот на терен заедно со премиерот Христијан Мицкоски, пренесе МИА.
Според Ѓорѓиевски, проектот пред седум месеци бил во застој, со реализирани само 10 проценти од постапката за експропријација, додека денес таа е целосно завршена, а сите сопственици се обесштетени.
-Денес сме во фаза кога клучката е реализирана 75 проценти. Како што ветивме, до Нова година овој значаен инфраструктурен проект ќе биде целосно завршен. Станува збор за комплексен зафат кој опфаќа два километри потпорни ѕидови, пешачки и велосипедски патеки, како и изградба на пет моста, од кои последните се во завршна фаза – изјави Ѓорѓиевски.
Тој оцени дека со пуштањето во употреба на клучката значително ќе се намали сообраќајниот метеж во овој дел од градот и ќе се подобри безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
Градоначалникот најави дека до крајот на годината ќе бидат завршени и проширувањето на мостот на реката Серава, како и мостот на булеварот „Љубљанска“. Воедно, посочи дека интензивно се работи на булеварот „Борис Трајковски“, а во текот на август ќе започне изградбата на новиот мост што ќе ги поврзува општините Гази Баба и Аеродром.
Ѓорѓиевски се заблагодари за поддршката од Владата, наведувајќи дека за изградбата на клучката кај Момин Поток се обезбедени 60 милиони денари.
-Владата и премиерот се силна поддршка за реализација на капиталните проекти во Скопје. Ова е еден од најзначајните инфраструктурни зафати што ќе ги завршиме – истакна тој.
Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата ќе продолжи да инвестира во инфраструктурниот развој на општините и оцени дека во изминатите месеци е постигнат значителен напредок во реализацијата на проекти кои претходно биле блокирани.
-За овие неколку месеци направени се сериозни исчекори на проекти кои со години беа заглавени. До Нова година очекуваме да бидат завршени три значајни проекти во Скопје – рече Мицкоски.
Тој најави дека до крајот на годината Град Скопје ќе добие нова комунална механизација, меѓу која камиони, цистерни и метларки, а истата опрема ќе биде испорачана и во неколку други поголеми општини. Дополнително, посочи дека по завршувањето на жалбената постапка се очекува набавката на нови електрични автобуси за Скопје и за други општини.
-Не може преку ноќ да се надомести она што со децении било запоставувано, но со посветена работа и упорност резултатите се веќе видливи – порача премиерот.
































