Фото: „Нова Македонија“

Загрижувачки податоци од летните туристички дестинации

  • Бројките што ги објавува Државниот завод за статистика покажуваат постојан раст на бројот на туристи, но тоа сепак не ја одразува целосната слика на терен. А инволвираните во туристичката дејност велат за „Нова Македонија“ дека состојбите не се најсјајни
  • Од Стопанската комора потенцираат за „Нова Македонија“ дека за развојот на туризмот во земјава веќе се дадени многу насоки од инволвираните во туристичкиот сектор, како за локациите што веќе се добро разработени, како што е Охридскиот Регион, така и за развојот на регионите што порано биле посетени, но последниве години се подзаборавени

Наспроти очекувањата и трендот на раст на бројот на туристи што ја посетуваат нашата земја, упатените во туристичкиот сектор укажуваат дека иако летната туристичка сезона е во полн ек, капацитетите во нашите познати туристички дестинации не се исполнети како минатата година. Бројките што ги објавува Државниот завод за статистика покажуваат постојан раст на бројот на туристи, но тоа сепак не ја одразува целосната слика на терен. А инволвираните во туристичката дејност велат за „Нова Македонија“ дека состојбите не се најсјајни.
– Туристичката сезона во 2026 година е во тек, но, за жал, нешто послаба од минатата година. Може да заклучиме дека досега само неколку хотели имаат ист број на ноќевања, додека кај поголем број хотели тие се намалени. Приближно 30 отсто од минатата година. Донекаде се утешителни и фактот и бројките што се однесуваат на околните држави, каде што исто така е забележан тренд на намалување на бројот на туристи – велат од Стопанската комора на Македонија (СКМ).
Од друга страна, последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат нов раст на бројот на туристи во земјава. Имено, во мај годинава нѐ посетиле 131.723 туристи, кои оствариле 236 727 ноќевања. Притоа, од нив, 19 отсто биле домашни туристи, додека дури 81 процент странски.

Бројките за нашиот туристички бисер говорат дека Охридскиот Регион го посетиле 76,5 илјади туристи во првите четири месеци од оваа година. Притоа бил забележан раст во споредба со претходната година за шест проценти.
Но ова не значи дека растот опстојува и во текот на летните месеци, кои, пак, се клучни за исплатливост на секторот.
Од Стопанската комора потенцираат за „Нова Македонија“ дека за развојот на туризмот во земјава веќе се дадени многу насоки од инволвираните во туристичкиот сектор, како за локациите што веќе се добро разработени, како што е Охридскиот Регион, така и за развојот на регионите што порано биле посетени, но последниве години се подзаборавени.
– За проширување на хотелските капацитети во Македонија, ставот и мислењето на домашните хотелиери е јасен: подобрување на инфраструктурата, носење детални урбанистички планови, нови бродски линии, решавање на проблемот со отпадот, подобрување на домашното производство на прехранбени продукти, намалување на давачките на сите угостителски објекти. Сето ова би придонело за подобра понуда наспроти околните држави и би станале подобра и поконкурентна дестинација за гостите од Западна Европа. Само така би оствариле реинвестиции во оваа индустрија и изградба на нови туристички објекти. И уште нешто, но не помалку значајно, е измена и олеснување на визните режиме за одредени земји што би биле извор на потенцијални туристи во земјава – укажуваат до СКМ.
Експертите од областа, пак, советуваат дека главната цел не треба да биде само поголема бројност кај туристите, туку привлекување побогати туристи.
– Реалноста покажува дека во Охрид недостасуваат современи луксузни сместувачки капацитети што ќе можат да привлечат гости од повисоката категорија на туристичкиот пазар. Не станува збор за бетонски комплекси што ќе ја нарушат автентичноста на градот, туку за внимателно планирани инвестиции што ќе ги почитуваат архитектурата, традицијата и културното наследство. Луксузот во Охрид не треба да значи раскош без идентитет. Напротив. Вистински луксуз денес е автентичноста. Хотел што ќе ја раскажува приказната на градот. Простор што ќе ги слави охридската архитектура, локалната гастрономија, традиционалните занаети и богатото културно наследство – вели Влатко Сулев, претседател на Националната асоцијација за дојдовен туризам (НАИТМ).

Тој нагласува дека Стариот Град останува најголемиот бисер на Охрид. Тоа е местото каде што секоја калдрма, секоја фасада и секое камче имаат своја приказна и нивната вредност е огромна, а тоа може да донесе големи туристички приходи.
– Заштитата на наследството и економскиот развој не се спротивставени процеси. Напротив, тие треба да одат рака под рака. Најуспешните европски туристички дестинации покажуваат дека токму зачуваната автентичност создава најголема додадена вредност. Охрид има потенцијал да стане пример за одржлив и квалитетен туризам во регионот. Но за тоа се потребни јасна визија, долгорочно планирање и храброст да се донесуваат одлуки што нема да носат резултати само следната сезона туку и следните генерации. Нашата цел не треба да биде само повеќе туристи. Нашата цел треба да биде подобар туризам – нагласува Сулев. Е.Р.