Што е народ, што е македонскиот народ? „Народ се вељид људи који е од еден род и кои зборувајед еднаков збор, и који живунајед и се другарад еден со други, и који имајед јаднакви обичаји и песни и весеља; тије људите ји викајд народ, а место во које живувад народ се вељид отечество од тои народ. Така и Македонциве се народ и местово њивно је Македонија“.
Ова горното што го прочитаа читателите е извадок од Тријазичникот (Речник од три јазика) од Ѓоргија Пулевски, објавен во 1875 година. Роден галичанец, а светски патник, дури авантурист, за тоа време. Еден своевиден и бурен живот почнат во Галичник во 1817 година, а завршен во 1893 година во Софија, каде што го затекна смртта.
Ѕидар во Романија, учесник во војни, самоук историчар, уште посамоук лексикограф, автор на првата печатена македонска граматика и на речници на македонски јазик. Неговата лингвистичка струка е народна, а не научна, пишувана по чувство и по пракса, разбирлива за нивото на обичниот читател од тоа време. Но, сепак, со јасна и силна национална порака за својот народ, произлезена и од неговите воени искуства како српски и руски војник, учесник во српско-турската и руско-турската војна, и како војвода на Кресненското востание за слобода на Македонија. Човек вткаен во четири истории – македонската, руската, српската и бугарската.
Според енциклопедиите, народ е етнички хомогена заедница на луѓе, историски создадена врз заедничко потекло и на одредена географска територија, со заеднички јазик, со заедничка традиција и култура, со религија на мнозинството. Народот го одржуваат митовите за заедничките предци, историските сеќавања за победите и поразите, чувството на љубов и лојалност кон татковината, живата култура и солидарност на поголем дел од припадниците. Според лингвистите, зборот „народ“, чиј корен е во словенските јазици, значи и во македонскиот, е поврзан со сродноста, со потеклото, со родот. Од род – народ. Во грчкиот јазик тоа е зборот етнос, а аналогот „нација“ доаѓа од латинскиот збор, што значи дека си роден, си се родил во една определена заедница.
Значи тоа е заедница на луѓе (во случајов Македонци) поврзана со долготраен историски развој, луѓе што имаат заедничко потекло, култура, свест за заедничка припадност и историска судбина. Основни обележја се заедничкиот јазик како средство за општење и столб во формирањето на народниот идентитет, културата и традицијата, во што спаѓаат обичаите, верувањата, моралните вредности, усмената и писмената книжевност, уметноста и музиката, како и заедничкото потекло и историја што се испреплетуваат со сеќавањето на важните историски настани, митови и личности што ги поврзуваат минатото и современоста, колективниот идентитет и географскиот простор на кој постоел и се развивал со векови, иако делови од истиот народ може да бидат расеани низ светот.
Во политичка смисла, народ е група на луѓе што се доживува како природна општествена заедница, која ја создала и ја чува својата држава, својот национален и културен идентитет, која има меѓусебна доверба, покажува лојалност, искажува патриотизам, поткрепен од граѓанската свест за тоа кој е и што е. Народ се нарекува и маса од луѓе или толпа од луѓе што ги поврзува, исто така, некој интерес, кои имаат заедничка цел или повеќе цели и кои користат разни средства, вклучувајќи и масовни протести при незадоволство од одредени состојби.
Еден народ може да ги изгуби моќта и територијата, може да ја заборави славата на своите храбри битки, неговото знаме може да стане плен на непријателите, може да нема меѓународно признаено име, може да доживее вистинско политичко, социјално и економско фијаско, може да биде и поробен. Но непријателот (поробувачот) не може да го погуби, до го угасне националното чувство, да ги промени носталгијата по потеклото, традицијата и адетите, легендите и приказните. Како што е и со човекот – поединецот, така е и со цели народи.
Еден народ може да биде чесен, трудољубив, гостопримлив, скромен, достоинствен и горд. Може да биде мрзелив, да биде заостанат и примитивен или пак арогантен, алчен, нечесен, подмитлив, лукав, превртлив и така натаму. Во општества или држави кај што нема народна свест или слога таквиот народ не може да биде свој господар, може и сѐ да има, ама да не знае да господари, да го чува и зачува тоа што го има. Секој народ се труди да создава капацитет и способност да ја одржи легитимна својата држава на нејзината територија, да ги штити своите национални, идентитетски, историски и културни обележја и да се спротивставува на секаква нивна надворешна и внатрешна загроза.
Во принцип народот е лојален кон сопствената држава, но не мора да биде исцело лојален кон власта. Народот, во зависност од околности, може да биде незадоволен, разочаран, револтиран, критичен, бунтовен. Може да ја критикува, да ја негира, може да ја пцуе власта, изедначувајќи ја притоа државата со власта. Партиите пред да дојдат на власт на големо објаснуваат дека судбината е во рацете на народот. Откако ќе дојдат на власт судбината на народот ја земаат во свои раце, заборавајќи на истиот народ.
Народот, единствен или партиски поделен, е основата на една држава, на една заедница. Сите владетели во критични моменти се потпирале на народот, но колку е тоа несигурна инвестиција ни покажува примерот со Исус Христос, со она што му се случувало за кратко време – од блескавиот ден на влегувањето во Ерусалим, во недела, до денот на распнувањето – црниот петок. Да не бараме други многубројни примери на кралеви и владетели, претседатели, државни и партиски лидери и други разни раководители, кои на почетокот биле масовно поддржувани, величани и славени од народот, па потоа истите тие симнати од тронот, јавно или потајно погубени, отруени, гилотинирани, обесени, задавени или заклани, без пресуда стрелани, по барање или во име на волјата и желбата на истиот народ.
Денес живееме во свет што не е ист како вчера. Живееме брзо, побрзо од кога било. Трчаме по пари, по кариери, се бориме со сѐ поголеми ем светски ем секојдневни животни проблеми. Притоа често забораваме на она што го преживувале нашите предци, што сѐ преживеал нашиот народ низ историјата и што сѐ правел за да дојде до денешниот национален, социјален развој, економски и политички развој.
Нема поголема опасност ако народот почне да го заборава тоа и се поведе по други идоли.































