Во Грција досега се потврдени 21 случај на вирусот Западен Нил, од кои 14 се регистрирани во текот на изминатата седмица, покажуваат најновите податоци од Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ).
Според неделниот извештај, кај 20 заразени се појавиле симптоми што го зафаќаат централниот нервен систем, меѓу кои енцефалитис, менингитис или акутна блага парализа. Од нив, 13 пациенти се хоспитализирани. Еден случај е регистриран со умерени или без симптоми поврзани со централниот нервен систем.
Најголемиот број заразени – 19 лица – се од регионот Атика, поширокото подрачје на Атина, додека преостанатите два случаи се евидентирани во регионот Тесалија.
Првиот случај на вирусот Западен Нил во тековната сезона во Грција беше потврден на почетокот на овој месец.
Вирусот, кој се пренесува преку убод од заразени комарци, редовно се појавува во Грција во летниот период. Присутен е од 2010 до 2014 година, а повторно се регистрира континуирано од 2017 година.
Најтешка беше 2018 година, кога беа евидентирани 317 случаи на инфекција и 51 смртен случај. Минатата година во Грција беа потврдени 96 случаи на вирусот Западен Нил, а девет лица починаа како последица на инфекцијата.
































