Со метална конструкција на галериите со витражи и стакла почна превентивно да се заштитува Македониумот во Крушево во кој со години протекува. Работите се изведуваат под стручен надзор на прилепскиот Завод и музеј и треба да завршат до крајот на месецов.
Оваа мерка е поради протекување во Споменикот од прва категорија кој во ноември 2025 година е прогласен за културно добро во опасност.
– Со цел да се заштитат галериите со витражи кои имаат големи оштетувања, како и стаклените галерии, на лице место се монтира челичната конструкција која веќе е изработена. А е изработена од кутиести профили со различни димензии. Ќе биде поиставена на вкупно 8-те галерии со стакло и на галериите со витраж од надворешната страна на првото и на второто ниво од Споменикот. Над конструкцијата се поставува лексан со дебелина од 16 милиметри. Со ова ќе постигнеме да не протекува повеќе вода во споменикот – изјави Сузана Грибовска, советник конзерватор, архитект во Заводот и музеј -Прилеп.
Инвестицијата која треба да заврши пред 2 Август, чини 5,5, милиона денари. Годинава ќе почнат истражувањата и се изготвува основен проект за целосна конзервација на Македониумот изграден 1974 година.
– Превентивата предвидува заштита на четирите витражни и на четирите галерии со стакло. Таа е за да запре протекувањето на водата во Македониумот кое е најголемата опасност. Утре ќе биде поставена платформата и самите конструкции ќе се постават на Македониумот. Оваа превентивна заштита завршува до крајот на јули, а во тек е изготвување на основен проект за конзервација и реставрација на Македониумот кој целосно го опфаќа, вклучувајќи ги статиката, градежните работи, витражните стакла коиќе се заменат за нови и внатрешната метална конструкција – објаснува Мимоза Христоска, директорка на Заводот и музеј- Прилеп.
Пред празникот се чисти околу споменикот, а гостите не заминуваат од Крушево без да го посетат Македониумот.
– Годинава за првпат механизирано чистиме околу споменикот во пресрет на големиот празник 2 Август- Илинден. Гости и посетители постојано доаѓаат и сите ги покануваме и за Празникот да дојдат во Крушево – вели Миха Оџаклиески, директор на Историски музеј- Крушево.
Споменикот Илинден, како комплекс, е дело на архитектите Искра и Јордан Грабул, пренесува МИА.
































