Богојавленска Македонија (2)

Еве нè пак во и со Богојавленска Македонија, драг читателу, наслов шифра, која можеби ги буни интелектуалците и атеистите, па и недорелигиозираните, кои тапкаат во место, пипајќи буквалистички по страниците на Библијата, и толку. А човекот, како што мислиме ние, е по дефиниција религиозно битие и такво се раѓа, со религиозен, но не црковно наметнат код. Некој станува порано или подоцна свесен за него, го открива и чувствува духовно озарение, кое доаѓа директно од горе, од божествената и космичка енергија, како што велат спиритуалистите како Рудолф Штајнер. Но и Тесла и сличните на него, кои и во рационалната логичка наука ги виделе и спознале Бог и божественото. Но да не држиме религиозна проповед, оти само алудираме во контекстот на нашата тема, драг читателу, на еден поинаков, јас би го нарекол онтолошки степен на спознание, способен да чита тајни и шифри, кои на строго рационалистичкиот човек му се туѓи до мерка што иронично се однесува кон нив. Она на Декарт „Мислам значи постојам“ западниот рационалистички човек на просветителството го сфати буквално, па неговиот Логос, дури и кај еден Волтер, е испразнет од некои врховни тајни синонимни со поимот чуда што владеат надвор од природните закони како закони со кои единствено располага Бог, но сè уште не му ги открил на човекот и само тој се служи со нив. Така за тоа мисли Спиноза, а тој е филозоф и мислител од ранг, кого и Ниче го смета за свој учител. Итн.
Така е, драг читателу, и со Богојавленска Македонија, едно од драгоцените господови чуда што ги создал тој, и Македонците во неа кои оваа сурова цивилизација, во која, за жал, се вглобени тие како богољубив народ (како што ги дефинира нив и апостол Павле) веќе цело столетие и половина интензивно во фази се труди да ги убие, но никако не ѝ успева да ги затре, имено, затоа што е таа богојавленска, следена и покрај сите катастрофи од Бог, кој има решение за нејзин спас и обнова од западните и балканските варвари што му се намерачиле на нејзиниот Оган со свето потекло да го престорат во пепел, заборавајќи секогаш дека Македонија и Македонците се како огнената птица феникс полна во електроните на воскресението. А и самиот Исус, кој лично го упати апостол Павле во Македонија и кај Македонците, нив ги научи на небесната уметност како да се победува со смрт смртта. Оттука и не е случаен слоганот на комитското знаме „Смрт или слобода“ што се вклопува, како и кај Божјиот син, во чинот на саможртвата за среќа на човекот и севкупното човештво. Не само за лична среќа како што е тоа кај западните колонизаторски народи и некои балкански хиени навртени околу Македонија и Македонците со варварски нарав кон нив.
Но залудно, Македонија е богојавленска, и нејзината слика како таква, како богојавленско озарение се јавува насекаде и во сè, епицентрална точка на човековото траење како ремек-дело, како што би рекол Гете. Такви се Богојавленска Македонија и Македонците: трагична ама боголика убавина, и токму затоа е и неуништлива, нешто што многу ги плаши нивните сатрапи. Но доволен е новиот вовед за пак да преминеме на стиховите шифри на македонското Богојавление. Амин!

* * *
„Да. Богојавление е тоа во кое се објавува радосен / првиот детски плач на неродените да ја раскине пајажината / во посивените куќи на испустените македонски села, / и првата нивна стапка на пат низ широко / отворената врата на Белите мугри на поетот. / Стапката и патот ипостасни во кои се вглобени и / Отецот, Синот и Светиот Дух. Ама и апостол Павле со нив. / И сите заедно, како некогаш, од Троада повторно / тргнуваат кон Македонија, а поетот од Велес како Лазар / што го скорна Исус од гробот, ги подига клепките / од мртовечкиот сон, се крева новороден од смртта / и слегува низ падините на Лопушник да им се придружи ним. / Со себе тој ја носи веќе исткаена / и венчално навезена кошулата тенка ленена / на Ленка за свадбата на неговото заклано племе во Преспа. / Племето кое мајсторите на смртта / на оваа иродовска цивилизација, не како што го стори тоа / со телото на Озирис исечувајќи го на парчиња, / туку уште повеќе го столчија, ситнејќи го со ножот / на смртта на атоми, на кванти, за целосно да се избрише / свеста за него не само во човештвото, / туку и во тварта дури. / Арно ама / не знаат дека Бор во неговата зеница откри оти / и најситната твар има свест, трепери како жива и се одзива на мислата на тој / што ја посматра. Божјата честичка е тоа во која / колку и да се столчени, заклани и ставени како пепел / во мртовечка урна, чука срцето на Македонците. / И не дека не чуле и не знаат ништо за таа честичка / мајсторите западни на смртта, иродите на модерната / цивилизација, туку се преправаат дека не чуле / и не знаат, очајни дека не можат да најдат и за неа смрт. / Толку многу се лакоми за смрт, оти се антихристи, / чеда на сатаната. Такви тие и стасаа како погребна / процесија во Преспа да го прослават темниот празник на цивилизацијата со знамето на смртта / самите смрт, без да знаат, оти никогаш / не ја запознаа науката на Исус, дека дури и во неа тлее / скриена искрата на животот и еден ден кога ќе грмнат / трубите на ангелите за воскресение ќе пламне, / и како огнено крило разбудените мртовци ќе ги крене / од гробовите и ќе ги понесе кон Небесниот Ерусалим / на свадбата на Јагнето. И цели народи ќе крене од смртта тоа крило, / меѓу нив, како богоугодни и синови на светлината, / како што ги нарече во Филипи и во Солун апостол Павле, / први кренати ќе бидат Македонците.

Така. Оти тој западен експеримент на смртта во Преспа е целосно неуспешен. Оти не можат тие, темни, да го скротат / огнот на името во пепелта на Столченото племе / ставена во мртовечка урна. Оти пак е распослана / до зад рабовите на бескрајот постелата / на македонските љубовници, полна со икра, море / и сребрени рибини јата што минуваат низ нивниот бакнеж. / Оти и гробовите на тоа племе полни со мартири / светци и херои во ова Богојавление што блесна / да го осветли со богосветлина проколнатото човештво, / сега разбудени и стапнати со едната нога / во небото ги држат во дланка гробовите / преобразени во винска чаша и наздравуваат / за обновениот, свадбарски во својата нарав, /седумосмински такт во македонското срце. / Ритамот кој соработува со приливот и одливот на морињата / и со пулсирањето на светлината / и ѕвездените галаксии што кружат и во крвта на ѕверовите полни со Бог а несвесни за него. / Богојавление. И мелат водениците хиерогамиско брашно / за новата радосна Тајна вечера во постелата / на младоженците, првата ноќ по свадбата во која / го зачнуваат и за идните столетија новото поколение / на Столченото племе. Поколението што излегува / и се множи како песок во пустината од раната / преобразена во матка, во школка што истура / купишта бисери создадени во ковачницата на болката, / уметноста мартирска и света што така убаво ја совладаа Македонците.
И мелат хиерогамиско брашно / во постелата на младоженците, / и не еднаш сум ја видел во детството мајка ми / како ја меси во ипостасните ноќви погачата литургиска / за тој свет чин. Чинот кој ја затвора раната на Македонците / и од неа сега како поток блика кристално цвеќе. / И минато е сега болката на мартирското племе, / која не може со ништо друго да се искаже / освен со јазикот на неискажливото. Јазикот кој сега / се искачува како Јаков по скалите кон небото.
Богојавление и неискажливо е Сè, убавината / и небесата сини во кои се растворило лицето на Бог / и го поклопило богообразно светот. И се шири / екстатично во безброј кругови, во огнени елипси / тој ороводен неискажлив извик „Ии-и-их“, / што се втори како одек во сè, во секој жив створ, ама и во секој / атом и квант на тварта, спотнувајќи ја жарта / во електроните, и тие фатени на оро. Крикот на екстаза / на срцето е тоа што го употреби еднаш подло / во танцот крвав со пресечената глава на Светецот / на царската гозба во Ерусалим и перверзната Саломе, / а потоа преоблечена во валканата руба на Европа, / и во Преспа со главата на Македонците / кога беа заклани тие. Ама повеќе нема да се случи тоа. „И-и-и-их“, крикот на Создателот ороводец, / крик-клуч со кој го отвора тој, ако добро размислиме, / во глината оживеана, во ноќта на материјата / и крикот „Боли!“. Крикот кој потоа, / на изгонот од Едем, ја отвори, огромна како море без брегови / и раната на човекот со име Постоење. Ама и тој потоа се преобрази со венчална ружа на реверот / и качен на вранец поткован со пурпурот / на Првата зора што го огреа проколнатото човештво, / како првосват влезе во дворот на невестата / со винска чаша и свадбарска песна, а потоа го сви во прстен орото. / И тоа беше знак дека болката и раната се преобразени во свадбарска екстаза. / во „И-и-и-их!“ / клучот трансцендентален со кој, како што го обзнани / тоа сега и Богојавление, Бог ја отвори и тешката врата / на целокупното создавање, на својот Опус мунди.

Богојавление е тоа на Апсолутната слобода, / на Големата афирмација во чиј епицентар и македонските / војводи го забија знамето „Смрт или слобода“, / Богојавление. Постоење во срцето на Божественото, / за чија загуба толку многу болно страдаше / нежниот Хелдерлиии, та помина цели четириесет години / во лудило во кулата во Тибинген. Божественото кое го бранеше со пушка, војувајќи со смртта / надвисната над неговото племе, / и поетот на Белите мугри од Велес. Со смртта сега на расипаната цивилизација која го закла / името од светлина на тоа племе во Преспа, /а неговото убиство на Лопушник беше само претслика / за тој крвав настан, како што беше претслика / за распнувањето на синот Божји и колежот / на витлеемските деца што го предвиде осум и пол / столетија пред да се случи старозаветниот Исаија. / Синот Божји кој изусти на крстот „свршено е“. / А тоа всушност значеше? свршено е со оваа перверзна / цивилизација и човек, оти е време за преобразба, / време да се исчисти глувото семе од браздата на Отецот / и да се замени со здраво што ќе раѓа сончево жито, / како што беше тоа со Македонците кога дојде/ од Троада кај нив Павле. Македонците најубавото / жртвено семе во нивата на Бог за преродба на гнилата / цивилизација со атрибутот Западна, што ја исправила сега по Бастилја и просветителството славата гилотина / над главата на човештвото. Вавилонската ороспија / со космичка вагина што раѓа само потопи, помории, / мртовечки сандаци погребни процесии и секаков друг вид на зло. / Таа што е сега новиот Ирод и новата Саломе / што го игра својот перфиден цивилизациски танц / со главата на Македонците пресечена во Преспа.
Ама сè тоа сега, макар и по мигот во кој се здиплени / како во сонот на Тутанкамон, Ехнатон и Нефертите / во свилата божествена на Лидија од Тир, неколку / сончеви ери, а веќе минато и распослано, глеј чудо, / како бескрајна иднина. Да. Оти сега гилотината / на перверзната цивилизација што ја пресече / златната глава на Македонците е заменета со вагата / на Страшниот суд горе, на која ќе биде измерена / секоја прашинка, атом и квант на злосторниците / и злосторството. И на богатите што ја цицале / како тавтабити крвта на сиромасите за да го здебелат / својот задник. Крвта и потта на сиромасите, / оној „на трудот црн народ“ за кого пееше / со елегија што расте во химна поетот-архангел / на Белите мугри. Тој што е толку вистинит, чист / и светлосен што можеше дури да го придружува и архангел Гаврил пред Марија и Јосиф во Назарет.
„Богојавление. Постоење. Венчална ружа. Прстен. / Оро во кое распаднатите атоми на кусовечниот живот / се во ново соединение со име Вечност. Во елементот / кој може да се ископа во рудниците на Македонија, / и кој од крај до крај може да ја исполни целата / таблица на Менделеев. Елементот Бог од кој, / откако е пронајден лорандитот во Алшар, во македонското срце / и во срцето на неговиот разбранет седумосмински такт / се конечно задоволени и Достоевски и Ниче. Оти, / како што рече рускиот гениј „Ако нема Бог сè е дозволено“. / А тука тој сугерира на теророт на богатите / над сиромашните и на силниците над слабите / на кои сепак на крајот на есхатолошката слика / распрострена врз златото на небесното царство / сепак им е остварено ветеното од говорот на Исус на Гората, / дека неутешните ќе бидат утешени / и тажните израдувани. Говорот што го сфатија / и се причестија со него Македонците, сите до еден / Трпевци и Трпани во духот на спасителот. Оти / кој ги има тие имиња и места на друг простор / и кој друг народ во светот? Никаде. / Трпевци и Трпани на кои, како на праведниците во гробовите Исус им го вети Царството небесно, / велејќи им уште малку да почекаат, / додека не го фрли во бездна сатаната и неговиот слуга / од смуртеното село сосе неговите слуги во владата на темнината. / Да почекаат уште малку / до воскреснатата труба на ангелите што се крева / сè од смртта горе, поединци и цели народи, / Македонците меѓу првите по страшниот колеж во Преспа.

(продолжува)