Фото: Институт за јавно здравје

Владата од денеска започна со дневна испорака на 50.000 литри вода за пиење за жителите на Гостивар, каде е прогласена локална епидемија поради зголемениот број граѓани со стомачни тегоби. Во меѓувреме, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) ги заврши анализите на водата, кои во текот на денот ќе бидат доставени до Јавното обвинителство, пренесе МИА.

Директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, изјави дека дистрибуцијата на водата е интервентна мерка што ќе продолжи и во наредните денови.

-Владата обезбедува 50.000 литри питка вода дневно за граѓаните на Гостивар. Мерката започнува од денес и ќе продолжи сè додека траат препораките на надлежните институции – рече Томовски.

Водата ќе се дистрибуира на повеќе пунктови низ градот, меѓу кои Домот на културата, градинката „Пролет“, Средното економско училиште, ЈП „Национални шуми“ – подружница „Шар“, АД „Аеродроми“, Општата болница и Територијалната противпожарна единица. Болницата и градинките ќе добиваат директни испораки, а по потреба ќе се зголемуваат и количините.

Министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека досега се евидентирани околу 3.100 здравствени контакти во Здравствениот дом и Општата болница во Гостивар, но од 19 јули е забележано првото намалување на бројот на нови пациенти.

Тој нагласи дека епидемијата е прогласена поради значителното зголемување на бројот на заболени и повтори дека Министерството за здравство ќе продолжи транспарентно да ја информира јавноста.

-Немаме што да криеме. Сите информации ќе бидат соопштени веднаш штом за тоа ќе има согласност од Јавното обвинителство – изјави Клековски.

Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, потврди дека забраната за користење на водата во Гостивар останува во сила.

-Забраната што ја издаде Агенцијата за храна и ветеринарство подразбира целосна забрана за користење на водата и таа останува на сила сè до нови насоки од надлежните институции – рече Андоновска.

Таа додаде дека примероци од четири локации биле анализирани за микробиолошки и физичко-хемиски параметри и дека резултатите веќе се доставуваат до Јавното обвинителство.

Владината портпаролка Марија Митева порача дека институциите постапуваат координирано и дека секоја утврдена одговорност ќе биде санкционирана.

-Без разлика дали станува збор за институционална, службена или индивидуална одговорност, таа ќе мора да биде утврдена и соодветно санкционирана. Нема да има селективност кога станува збор за здравјето на граѓаните – истакна Митева.

Од Владата апелираат граѓаните да ги почитуваат препораките на здравствените власти и да се информираат исклучиво преку официјалните извори.