Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, денеска потврди дека забраната за користење на водата во Гостивар останува во сила сè додека надлежните институции не издадат нови препораки, пренесе МИА.
На прес-конференција во Владата, Андоновска потсети дека Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) веќе издала наредба за целосна забрана за користење на водата, а ИЈЗ целосно ја поддржува таа мерка.
-Агенцијата за храна и ветеринарство издаде наредба за забрана за користење на водата во Гостивар, што подразбира целосна забрана. До моментот додека нема други насоки, Институтот за јавно здравје останува на истиот став – изјави Андоновска.
Таа објасни дека тимовите на ИЈЗ по барање на Јавното обвинителство излегле на терен во четвртокот и во текот на ноќта земале примероци од повеќе локации.
-Процесот не беше едноставен. Беа ангажирани повеќе екипи кои професионално ја завршија својата работа и ги обезбедија потребните примероци за анализа – рече Андоновска, додавајќи дека нема информации дали екипите биле попречувани при извршувањето на задачата.
Во однос на контролата на квалитетот на водата, директорката појасни дека редовниот мониторинг е обврска на јавното претпријатие кое управува со водоводниот систем, а надворешните лабораториски контроли се спроведуваат преку избран економски оператор.
Според неа, ИЈЗ бил избран како надворешен оператор, но во рамки на договорот реализирал само две предвидени контроли по барање на претпријатието.
Андоновска се осврна и на здравствените последици што може да ги предизвика загадена вода, нагласувајќи дека клиничката слика може да биде различна.
-Доколку, хипотетички, во водата се утврди присуство на фекални, односно колиформни бактерии, а таа вода била користена од граѓаните, може да се појават симптоми како стомачни тегоби, повраќање и дијареја. Кај дел од пациентите состојбата може да биде полесна, но кај други може да доведе и до дехидратација и посериозни компликации – изјави Андоновска.
Таа повтори дека до укинување на забраната, граѓаните треба строго да ги почитуваат препораките на АХВ и ИЈЗ.
































