Резултатите од анализите на водата во Гостивар, изработени од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во текот на денот ќе бидат доставени до Јавното обвинителство, соопшти директорката на Институтот, Марија Андоновска, на прес-конференција во Владата, пренесе МИА.
Андоновска нагласи дека покрај утврдувањето на причината за случајот, најважно е да се утврди и одговорноста.
-Не е важно само да се утврди причината, туку и кој е одговорен. Никој нема право да го загрозува здравјето на граѓаните. Институтот за јавно здравје ќе продолжи внимателно да ја следи епидемиолошката состојба – изјави Андоновска.
На прашање од новинарите дали веќе е позната причината за состојбата во Гостивар, министерот за здравство Сашо Клековски рече дека резултатите ќе бидат јавно објавени дури откако Јавното обвинителство ќе даде согласност.
-Испитувањата се направени по барање на Обвинителството и не сакаме со нивното предвремено објавување да влијаеме врз истрагата. Штом добиеме согласност, резултатите ќе бидат соопштени на јавноста – рече Клековски.
Тој додаде дека, според досегашните сознанија, храната како можен извор на проблемот е исклучена.
































