Вредноста на синдикалната минимална кошница за јули изнесува 68.498 денари и е пониска за 156 денари во споредба со истиот месец минатата година, соопшти денеска Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).
Според пресметките на ССМ, доколку во трошоците се вклучи и кирија за изнајмен стан од 60 квадратни метри, вредноста на минималната синдикална кошница достигнува 83.873 денари.
Најголем дел од месечните трошоци и натаму се однесуваат на храната и пијалоците, за кои едно четиричлено семејство треба да издвои 25.012 денари.
Синдикалната минимална кошница претставува проценка на минималните месечни трошоци потребни за покривање на основните животни потреби на едно четиричлено семејство, вклучувајќи храна, домување, комунални услуги, превоз, хигиена, здравство, образование и други неопходни расходи.
































