Крушево доби Центар за услуги преку кој граѓаните ќе можат полесно да пристапуваат до електронските услуги и да добијат стручна поддршка при нивното користење, соопшти Министерството за дигитална трансформација.
Новиот Центар денеска го промовираа министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и градоначалникот на Општина Крушево, Нико Чонески. Станува збор за 16-ти Центар за услуги во мрежата на Министерството.
Според Министерството, со отворањето на Центарот жителите на Крушево и околните населени места ќе имаат полесен и подостапен пристап до електронските јавни услуги, како и непосредна помош при нивното користење.
– Ова е 16. ваков центар на Министерството за дигитална трансформација, преку кој граѓаните ќе добиваат непосредна поддршка и директен пристап до електронските услуги. Со отворањето на Центарот во Крушево директно ги отстрануваме бариерите поврзани со возраста, дигиталната писменост и местото на живеење, со што ги доближуваме услугите до секој граѓанин – изјави министерот Андоновски.
Градоначалникот Нико Чонески оцени дека новиот Центар ќе им овозможи на граѓаните поедноставен и побрз пристап до јавните услуги што се достапни по електронски пат.
Од Министерството најавуваат дека ќе продолжат со проширување на мрежата на центри за услуги, со цел дигиталните јавни услуги да станат подостапни за граѓаните во сите делови на државата.
































