Фото: МИА

Министерството за здравство соопшти дека надлежните здравствени институции продолжуваат со интензивно следење и истражување на зголемениот број случаи со симптоми на гастроентероколит во Гостивар.

Во тек се теренски увиди, епидемиолошки анкети и обработка на пријавите, по што Центарот за јавно здравје Тетово, како надлежна институција, треба да донесе одлука за натамошното постапување.

Според податоците на Министерството, во периодот од 18 јули во 08 часот до 19 јули во 08 часот, во Општата болница во Гостивар биле регистрирани вкупно 353 прегледи поврзани со состојбата. На Инфективното одделение биле извршени 204 прегледи, при што три лица се хоспитализирани. На Педијатриското одделение биле прегледани 140 деца, од кои 105 нови и 35 контролни пациенти, додека во Ургентниот центар биле извршени уште девет прегледи.

Од Министерството наведуваат дека кај најголемиот дел од пациентите клиничката слика е лесна, а бројот на хоспитализирани останува низок. Сепак, поради големиот број заболени во краток временски период, состојбата се третира како активен епидемиски настан и се преземаат сите неопходни епидемиолошки, лабораториски и превентивни мерки.

Подрачната единица на Центарот за јавно здравје во Гостивар продолжува со теренски увиди и епидемиолошки анкети, а досега се обработуваат околу 140 формални пријави за заразна болест.

Во истражувањето е вклучен и Институтот за јавно здравје, кој обезбедува стручна и лабораториска поддршка. Во тек се интервјуа со заболените, анализа на можните извори на зараза и микробиолошки испитувања на земените примероци.

Паралелно се спроведуваат микробиолошки анализи на примероци од пациенти и од водата, се врши надзор на водоснабдувањето и санитарно-хигиенските услови, како и координација со Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и локалните институции.

Согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, одлуката за евентуално прогласување епидемија на подрачјето на Гостивар ја носи Центарот за јавно здравје Тетово, по завршување на теренските проверки и обработката на сите податоци.

Министерството за здравство апелира граѓаните да ги почитуваат препораките на надлежните институции, редовно да одржуваат хигиена на рацете и веднаш да побараат лекарска помош доколку се појават симптоми како повраќање, дијареја, покачена температура или знаци на дехидратација.