Фото: ЕПА

Редакциска опсервација:

Иран и Украина ја вратија старата вистина што беше прогласена за надмината, дека „за контрола и административно владеење на одредена територија, физичкото присуство е – неопходно“…

  • Во последните триесет години, некој поверува дека „алгоритмите ќе ја заменат географијата“, дека „дроновите ќе ја заменат пешадијата“ и дека
    „прецизните ракети би ја замениле окупацијата“. Но војната во Украина, а особено во Иран, ги урна сите тие претпоставки. Дваесет и првиот век не ја
    поништи класичната геополитика, туку само ја облече во ново руво – со технологија. Тоа значи дека на крајот, секоја империја, без разлика колку е
    дигитална, повторно се соочува со истиот предизвик што го имале и Римјаните, и Наполеон и денес Трамп: онаму каде што на терен нема војник, нема ниту власт

Повеќе од три децении, по крајот на Студената војна, доминираше уверувањето дека технолошката револуција ја изменила суштината на војувањето. Прецизните ракети, беспилотните летала, сателитите, кибернетичките операции и воздушната супериорност создадоа впечаток дека „класичните освојувања на територии постепено стануваат анахронизам“. Имено, во политичките и воените кругови се разви тезата дека XXI век ќе биде век на „војување од дистанца“, во кое државите ќе ги остваруваат своите цели преку економски притисок, информациска доминација, воздушни удари и технолошка надмоќ, без потреба од масовни копнени операции. Но сведоци сме дека украинско-руската војна ја разниша оваа претпоставка, а американско-иранската војна, дефинитивно ја потврди. И покрај најголемата концентрација на дронови, сателитско извидување, електронско војување и прецизни ракетни системи во историјата, најважното правило на геополитиката остана непроменето: територијата ја контролира оној што физички е присутен на неа. Таму каде што нема војник, нема воспоставување власт.

Клаузевиц сè уште победува

Германскиот воен теоретичар Карл фон Клаузевиц уште во XIX век напиша дека „војната е продолжение на политиката со други средства“. Но неговата мисла често се сведува само на оваа позната реченица, а се занемарува суштината. Имено, целта на војната не е само уништување на непријателот, туку наметнување политичка волја. Политичката волја не се воспоставува со бомбардирање. Таа се воспоставува со контрола. А контролата подразбира институции, администрација, логистика, комуникации и постојано присуство. Тоа е причината поради која ниту една империја во историјата – од Рим, преку Османлиите и Британската Империја, па сè до современите сили, никогаш не сметала дека воздушната или поморската доминација е доволна за трајно владеење. А тоа значи дека морето и небото отвораат пат, но копното ја завршува политичката задача.

Илузијата на „војување без окупација“

По војните во Косово, Авганистан, Ирак, Либија и во Сирија се создаде впечаток дека воздушната доминација може сама да ја реши војната. Во реалноста, сите овие конфликти покажаа нешто сосема друго. Во Ирак, режимот беше урнат за неколку недели. Но окупацијата траеше со години. Во Авганистан, талибанците беа поразени во класична воена смисла уште во 2001 година. Но дваесет години подоцна повторно ја презедоа власта. Причината е едноставна. Уништувањето на армијата не значи автоматски и воспоставување политичка власт. Власта мора да се организира. А тоа го прават луѓе на терен. Да го земеме и најновиот пример со Иран и островот Харг. Имено, островот Харг не е само енергетски објект. Тој е пример како географијата преживува и кога технологијата се менува. За потсетување, во XIX век Британија двапати го окупира Харг за да изврши притисок врз Персија во спорот околу Херат. Денес, речиси два века подоцна, островот повторно се споменува во контекст на американско-иранските односи. Се менуваат оружјата. Не се менуваат геополитичките пресметки. Ако некоја сила сака трајно да влијае врз политичките процеси на одредена територија, тогаш во одреден момент повторно се враќа на истото прашање: Кој стапнува и застанува на копното? Макар и на мало копно, на островче наречено Харг. Тоа не е случајност.

Украина ја врати копнената димензија во центарот на
стратегијата

На украинското боиште денес се користат технологии што пред десет години ѝ припаѓаа на научната фантастика. Дронови управувани со вештачка интелигенција. Сателитско следење во реално време. Електронско заглушување. Ракети со прецизност да погодат цел и со удар во близината на целта од неколку метри. Но и покрај тоа, линијата на фронтот се поместува само таму каде што пешадијата напредува и успева да го задржи освоениот простор. Ниту Москва не може да задржи територија без копнени единици. Ниту Киев може да ја врати без нив. Тоа е можеби најважната лекција од таа војна. Технологијата ја менува тактиката. Не ја менува суштината на владеењето.

Огнена моќ не е исто што и политичка власт

Современата воена наука прави јасна разлика меѓу четири категории.
· Првата е огнената моќ – способноста да се уништи противникот.
· Втората е маневарот – способноста да се пробие и да се заземе простор.
· Третата е окупацијата – физичко обезбедување на освоената територија.
· Четвртата е управувањето – воспоставување институции, администрација, ред и политичка власт.
Денес најголемиот дел од јавните дебати се задржуваат на првите две категории. Но токму последните две одлучуваат дали една воена победа ќе стане политичка победа. Историјата покажува дека токму таму најчесто започнуваат најголемите проблеми.

Предизвикот на копнена инвазија над Иран и што всушност кажуваат пораките на претседателот на САД, Доналд Трамп?

Изјавите на Доналд Трамп дека понекогаш е потребна копнена операција, при што некој друг би можел да ја изведе, не претставуваат доказ дека е донесена одлука за инвазија врз Иран. За такво нешто нема јавно потврдени информации. Но тие отвораат една поширока стратешка дилема. Ако политичката цел би била трајна контрола врз одредена територија, тогаш воздушната и поморската надмоќ сами по себе не би биле доволни. Би се наметнало прашањето кој ќе ја обезбеди копнената компонента. Во современите конфликти токму тоа станува најскапиот и најризичен дел од војната. Воздухопловството уништува. Пешадијата останува. А останувањето носи човечки, финансиски и политички трошоци. Токму затоа големите сили често настојуваат товарот на копнените операции да го поделат со партнери или со локални сојузници. Но и во такви сценарија останува непроменет основниот принцип: Без сили на терен нема долгорочна контрола! Економските санкции можат да ја ослабат економијата. Кибернетичкиот напад може да ја парализира инфраструктурата. Воздушните напади можат да уништат воени цели. Но ниту една од овие алатки не може да отвори општина, да организира полиција, да собира даноци или да воспостави трајна администрација. Тоа и понатаму го прават луѓе што физички се наоѓаат на терен.

Географијата не може да се победи

Иран и Украина не ја вратија светската политика во XIX век. Таа само покажа дека некои правила никогаш не престанале да важат. Технологијата може драматично да ги промени брзината, прецизноста и начинот на водење војна. Но не може да ја замени физичката контрола кога целта е воспоставување политичка власт. Затоа денешната геополитика сè повеќе личи на синтеза на старото и новото. Дроновите, сателитите, кибернетичките операции и економските инструменти стануваат неопходен дел од конфликтите, но тие се средства, а не замена за контролата врз просторот. На крајот, секоја карта на освоени територии се црта не таму каде што стигнале ракетите, туку таму каде што останале војниците. Во тоа лежи најголемата лекција што ја испраќа современата војна: географијата не капитулираше пред технологијата. Напротив, таа повторно се наметна како последен судија на политичката моќ. Н.М.


Украина ја врати пешадијата во центарот на водењето војна, во Иран се чека да се потврди тоа

Воените аналитичари на британскиот Кралски институт за одбранбени и безбедносни студии (РУСИ) во повеќе студии за украинската војна заклучуваат дека: дроновите драматично ја зголемија огнената моќ, но не ја елиминираа потребата од пешадија, која ја освојува и задржува територијата. Ова веројатно се најважните лекции за светските амбициозни лидери, од актуелните воени судири. Технологијата го прави нападот попрецизен. Но контролата и понатаму ја воспоставува човекот. Никогаш во историјата човештвото немало толку многу сателити, дронови, суперкомпјутери, вештачка интелигенција и прецизни ракети. Но никогаш не било толку јасно дека ниту една од тие технологии не може да замени еден единствен војник што стои на освоената територија. Војувањето стана дигитално. Владеењето остана физичко. Н.М.


Напомена од редакцијата: Анализата апсолутно не сака да поттикне копнен воен конфликт. Напротив! Пораката од анализата е дека кое било несогласување и „современ“ високотехнолошки воен конфликт неминовно водат кон наредниот чекор, а тоа се уште поголемо копнено крвопролевање, жртви и уништување.
А по такви копнени судири, кои по правило завршуваат стравотно за двете завојувани страни, повторно НЕМИНОВНО доаѓа и зелената маса на мировни преговори. Ако крајот неминовно завршува со мир, зошто тогаш не би можело директно да се дојде до таа завршна фаза и да се прескокнат уништувањата? Анализата сака да укаже токму на ваквиот редослед на настаните и дека секогаш постои шанса за договор и мирно решавање на споровите, колку и да се тие големи.


Во очекување на копнената инвазија на САД и сојузниците врз Иран

  • Никогаш во историјата човештвото немало толку многу сателити, дронови, суперкомпјутери, вештачка интелигенција и прецизни ракети. Но никогаш не било толку јасно дека ниту една од тие технологии не може да замени еден единствен војник што стои на освоената територија. Војувањето стана дигитално. Владеењето остана физичко. Трамп со главата (авијацијата) е високо на небото, но чевелот се амбицира за исчекор на иранското копно

Карл фон Клаузевиц: Политичката цел секогаш е поважна од воената

„Војната е продолжение на политиката со други средства“.
– Карл фон Клаузевиц, „За војната“ (On War) (1832)

Ова веројатно е најцитираната реченица во историјата на воената теорија, но често погрешно се толкува. Клаузевиц не вели дека целта на војната е уништување. Тој вели дека целта е наметнување политичка волја. А политичката волја не се воспоставува со ракети. Таа се воспоставува со контрола врз населението и територијата. Токму затоа копнените сили никогаш не ја изгубија својата стратешка вредност.

Алфред Тајер Махан: Морето отвора врати, но не владее со копното

„Кој владее со морето, располага со големо влијание врз историјата“.

– Алфред Тајер Махан, „Влијанието на поморската моќ врз историјата“ (The Influence of Sea Power upon History) (1890)

Махан ја постави основата на модерната поморска стратегија. Неговата теза беше дека морската доминација овозможува економска и воена предност. Но дури и тој никогаш не тврдеше дека бродовите можат сами да окупираат држава. Поморската сила е предуслов. Не е замена за копнената власт.

Халфорд Макиндер: Географијата не исчезнува

„Кој владее со Источна Европа, владее со Хартлендот; кој владее со Хартлендот, владее со Светскиот остров“. – Халфорд Макиндер, 1904

Макиндер е татко на модерната геополитика. Неговата суштинска порака е едноставна: територијата останува извор на моќ. Иако денес светот изгледа дигитализиран, копното повторно покажа дека тој простор има политичка вредност. Картата сè уште победува над алгоритамот.

Николас Спајкмен: Контролата е поважна од освојувањето

„Географијата е најфундаменталниот фактор во надворешната политика бидејќи е најтрајниот“.

– Николас Спајкмен

Владите се менуваат. Идеологиите исчезнуваат. Технологијата напредува. Но географијата останува. Токму затоа и денес големите сили се судираат околу теснеци, острови, пристаништа и копнени коридори.

Колин Греј: Технологијата никогаш не ја заменува стратегијата

„Ништо во стратегијата не е трајно заменето од технологијата“.
– Колин Греј

Еден од најголемите современи британски стратези предупредува дека секоја технолошка револуција создава илузија дека природата на војната е променета. Но секоја генерација повторно открива дека политичката контрола бара луѓе (жива сила) на терен. Иран можеби е најсилната потврда на оваа теза.

Дејвид Петреус: Не е доволно да победиш во битката

Американскиот генерал Дејвид Петреус, кој командуваше со американските сили во Ирак, честопати нагласуваше дека: „Не можеш да убиваш за да излезеш од востание“. Со оваа реченица тој сакаше да каже дека уништувањето на противникот не создава политичка стабилност. По секоја воена победа следува многу потешката задача како што е воспоставување ред, администрација, локална власт… Токму тоа го прават копнените сили.