- Ансамблот „Десетте бузуки на Домна“ од Грција го отвора јубилејното 20-то издание на балканскиот етнофјужн-фестивал „Локум фест – музика и традиција“
Годинашното јубилејно 20-то издание на балканскиот етнофјужн-фестивал „Локум фест – музика и традиција“ се отвора во Хераклеја со спектакуларниот настап на ансамблот „Десетте бузуки на Домна“ од Грција. Под ѕвезденото небо на Античкиот театар, публиката ќе ужива во уникатен музички спој на традиција, емоција и виртуозност, преку звуците на 10 бузуки, гитара, контрабас и впечатливи вокални изведби, како и танцувачка група.
„Десетте бузуки на Домна“ (грчки: Ta 10 Bouzoukia tis Domnas) е познат грчки музички ансамбл специјализиран за изведба на традиционална и современа грчка музика со доминантна улога на инструментот бузуки. Ансамблот е основан од Јанис Карасавас, член и основач на ансамблот, кој го сочинуваат врвни музичари и виртуози на бузуки, кои преку своите концерти ја претставуваат богатата музичка традиција на Грција. Нивниот репертоар опфаќа ребетико, лаико, народни песни од различни региони на Грција, како и современи композиции инспирирани од традиционалните музички форми.
Со настапи на голем број фестивали и културни манифестации во Грција и странство, ансамблот се истакнува по својата енергична интерпретација, виртуозна изведба и автентичен грчки музички израз. Нивните концерти претставуваат музичко патување низ историјата и културата на Грција, пренесувајќи ја атмосферата на грчките острови, градови и традиционални свечености.
Една од целите на овој настан е интензивирање на пограничната културна соработка како алатка за развој на културниот туризам преку промовирање на културното наследство и традиција како сцена и атрактивен туристички мотив, заложба што „Локум фест“ ја промовира со години. Концертот е резултат на соработката со Амбасадата на Република Грција во Скопје и Генералниот конзулат во Битола.
„Локум фест“ е проект од национален интерес поддржан од Министерството за култура и туризам и од Општина Битола, а се одржува во рамките на „Бит фест 2026 година“. Оваа година ќе се одржи од 16 до 18 јули. Втората и третата вечер се резервирани за концерти во автентичната атмосфера на Старата битолска чаршија, каде што пред 20 години почна „Локум фест“.































