Фото: Дом на културата „Драги Тозија“

Во Ресен

По повод празникот Иванден, Домот на културата „Драги Тозија“ од Ресен традиционално ја организираше манифестацијата „Иванка“.
На настанот беа изложени куклите изработени од вредните и креативни раце на најмладите учесници од Преспа, а тој беше збогатен со народни песни и ора во изведба на КУД „Таше Милошевски“ од Ресен, како и со традиционален посен иванденски ручек. Програмата ја водеше Илијана Стојаноска, членка на аматерското драмско студио „Престиж“.
Овој единствен преспански обичај се негува со генерации и традиционално се одржува на празникот Иванден, кога се изработуваат куклите наречени Иванки.
Изработката на Иванката започнува со полнење на ѓумот со вода донесена од три различни чешми. Главата на куклата се оформува од стомна, чиј заоблен дел се поставува во отворот на ѓумот. Потоа се прекрива со платно на кое се исцртуваат очите, носот и устата. Телото се оформува со наваличето, кое се врзува околу ѓумот, создавајќи ја препознатливата форма на Иванката. Така подготвената кукла се поставува на стол и останува таму до завршувањето на иванденскиот ручек. Во вечерните часови, девојчињата тргнуваат низ ресенските улици, носејќи ја Иванката и пеејќи ја традиционалната иванденска песна.
– Манифестацијата „Иванка“ не е само обичен спомен на минатото туку таа е и жив симбол на преспанската културна традиција и идентитет. Преку нејзиното организирање се стремиме да го зачуваме ова вредно нематеријално културно наследство, да му дадеме нова вредност и да им го пренесеме на идните генерации – велат организаторите.
Празникот Иванден се одбележува на 7 јули и е еден од најзначајните летни христијански празници, а се слави по повод раѓањето на Свети Јован Крстител. Постојат повеќе обичаи поврзани со овој празник, како што се замесувањето обредно лепче кравајче и берењето лековити растенија чие дејство се смета дека е најсилно токму на Иванден, како и пеењето празнични песни. Обредите за Иванден до ден-денес се негуваат во Преспа, во Битола и во Прилеп.

Ф.Д.