Фото: Пиксабеј

Триесет и едногодишен скопјанец е приведен под сомнение дека со нож го усмртил својот татко во семејниот дом, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Според информациите од МВР, инцидентот се случил синоќа околу 22:35 часот на подрачјето на Бит Пазар, кога, според пријавеното, 52-годишниот Е.Л., кој бил под дејство на алкохол, физички ја нападнал својата 54-годишна сопруга.

Во обид да ја заштити мајката, нивниот 31-годишен син Б.Џ., според пријавеното, му нанел убодни рани со нож на таткото, од кои тој починал.

-Синоќа околу 23 часот во Скопје, на територија на ПС – Бит Пазар, полициски службеници го лишија од слобода Б.Џ., 31-годишен скопјанец, затоа што, според пријавеното, со нож му нанел убодни рани на својот татко Е.Л., 52-годишен скопјанец. Според пријавеното, синоќа околу 22:35 часот во семејниот дом, Е.Л., кој бил под дејство на алкохол, физички ја нападнал својата 54-годишна сопруга – мајка на Б.Џ., по што Б.Џ. му нанел убодни рани на својот татко – соопштија од МВР.

Полициските службеници веднаш го привеле осомничениот, а неговата мајка е пренесена во болницата „Свети Наум Охридски“, каде ѝ била укажана медицинска помош.

По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено на обдукција, а по целосно расчистување на случајот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.