Фото: Охридско лето

Спектакуларно отворено 66. по ред „Охридско лето“

Со раскошна оперска гала вечер, преполн Антички театар и повеќе од 4.000 посетители, свечено започна 66. издание на фестивалот „Охридско лето“, уште еднаш потврдувајќи дека станува збор за најрепрезентативната културна манифестација во државата и една од најзначајните во регионот. Интересот за отворањето беше исклучителен – билетите беа целосно распродадени две недели пред почетокот на концертот, што претставува јасен показател за довербата што фестивалот ја ужива кај публиката и за неговиот висок меѓународен углед. Вечерта беше исполнета со силни емоции, долготрајни аплаузи и врвни музички интерпретации, оставајќи впечаток дека и по шест и пол децении „Охридско лето“ останува симбол на уметничката извонредност.

Фото: Охридско лето

Светски оперски имиња под ѕвезденото небо на Охрид

На сцената на Античкиот театар настапија светски реномираната сопранистка Ермонела Јахо и прочуениот американски тенор Чарлс Кастроново, кои со своите маестрални изведби ја освоија публиката. Во придружба на Оркестарот на Националната опера и балет, под диригентската палка на италијанскиот маестро Марко Боеми, тие приредија концерт составен од најубавите арии и дуети од богатата оперска литература. Нивната извонредна вокална техника, сценската харизма и силната емоција што ја пренесоа преку музиката беа наградени со долготрајни овации и бурни аплаузи. Публиката неколкупати ги враќаше уметниците на сцената со бисови, претворајќи ја вечерта во вистински музички спектакл што долго ќе остане во сеќавањето на присутните.

Фото: Охридско лето

Довербата на публиката е најголемата награда

Директорот на Националната установа „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, оцени дека свеченото отворање испратило силна порака за значењето и кредибилитетот на фестивалот.
-Ова беше вечер што ќе остане запаметена. Преполниот Антички театар, повеќе од 4.000 посетители и распродадените билети две недели однапред се најдобра потврда дека „Охридско лето“ ја има довербата на публиката. Горди сме што фестивалот го отворивме со врвни светски уметници и спектакуларна оперска гала вечер која донесе незаборавни емоции и силен почеток на 66. фестивалско издание – истакна Цуцковски.

Фото: Охридско лето

Шеесет и шест години традиција, културна дипломатија и универзален јазик

Фестивалот за отворен го прогласи неговиот покровител, претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, која во своето обраќање потсети на историските почетоци на манифестацијата. Таа потсети дека пред шеесет и шест години, под сводовите на црквата „Света Софија“, оперската дива Ана Липша-Тофовиќ ги испеала првите фестивалски тонови, означувајќи го раѓањето на фестивалот кој и денес претставува жив сведок на континуитетот на македонската култура.

-Оттогаш до денес, многу генерации уживале во привилегијата да се дружат со врвни музички и театарски личности, познати, обожавани и посакувани на најпознатите уметнички сцени, како исклучителни творци на високи духовни дострели. „Охридско лето“ помни, симболизира и бележи долга и богата меморија и историја, просветителска и просветлувачка мисија, новоотворени музички и театарски хоризонти, космополитизам, меѓудржавно, меѓунационално, интеркултурно и меѓучовечко разбирање, срушени предрасуди и научени лекции, културна дипломатија и универзален уметнички јазик – нагласи претседателката.

Фото: Охридско лето

Уметноста како најсилната порака на Македонија кон светот

Годинашната фестивалска уметничка порака ја испрати оперскиот првенец Игор Дурловски, кој зборуваше за улогата на малите држави во светската културна мапа. Според него, нивната сила не произлегува од територијата или бројноста на населението, туку од приказните што ги носат, од историското искуство и од способноста да придонесат во заедничкиот разговор на човештвото.

-Македонија е земја со длабока историска меморија, земја низ која минувале различни култури, јазици и цивилизации. Најголемата вредност на тоа наследство е во минатото што го паметиме, сегашноста што ја живееме и во иднината што можеме да ја создадеме. Нашата задача е да му кажеме на светот кои сме и да му понудиме нешто што може да го споделиме со сите: нов поглед, ново прашање, нов простор за средба. И затоа, овде, во Охрид, во градот каде што вековите разговараат меѓусебе, посакувам уметноста да продолжи да биде нашата најубава порака до светот. Порака дека човекот сè уште има потреба од убавина, од смисла и од надеж – порача Дурловски.

Фото: Охридско лето

Повеќе од фестивал – културен бренд на Македонија

Свеченото отворање на 66. „Охридско лето“ уште еднаш покажа дека фестивалот одамна ги надминал рамките на обична културна манифестација. Тој претставува препознатлив национален бренд, значаен инструмент на културната дипломатија и место каде што македонското културно наследство природно се поврзува со највисоките дострели на светската музичка и сценска уметност. Во време кога културата сè повеќе претставува мост меѓу народите, „Охридско лето“ останува простор каде што традицијата и современоста се среќаваат, а Охрид, барем во текот на фестивалските вечери, повторно станува светска престолнина на уметноста.

Фото: Охридско лето
Фото: Охридско лето