Македонија во Европа што се менува
Европската Унија се наоѓа пред една од најголемите политички дилеми во својата историја. Имено, тоа е прашањето дали иднината ќе биде изградена преку понатамошна централизација и продлабочување на интеграцијата или преку нов модел во кој националните држави повторно ќе имаат поголема улога?
Во Германија овој судир веќе не е теоретска дебата. Подемот на суверенистичките и конзервативните политички сили, не само во Германија туку и во повеќе европски држави, покажува дека значителен дел од европските граѓани бараат промена на курсот.
За земјите кандидати, меѓу кои и Македонија, оваа нова политичка реалност отвора важно прашање: Дали промената на Европа ќе значи нова можност или нова пречка на патот кон членство во Европската Унија?
Македонија пред Европа, која повеќе не е иста
Македонската евроинтеграција со години се темелеше на една претпоставка: дека Европската Унија ќе продолжи да се шири, а земјите од Западен Балкан постепено ќе станат дел од европското семејство. Но Европа од пред десет или од пред дваесет години не е истата Европа денес. Кризите со миграцијата, енергетската зависност, војната во Украина, економските притисоци и растечкото незадоволство од бирократските механизми на Брисел создадоа нова политичка атмосфера. Во такви услови, прашањето за проширувањето повеќе не се гледа само низ техничките критериуми за реформи туку и низ пошироката дебата за идниот карактер на самата Унија.
Унијата, германскиот фактор и македонското прашање
Суверенистичките партии во Европа најчесто не го отфрлаат концептот на европска соработка, но се спротивставуваат на моделот во кој Брисел добива сè поголеми овластувања. Нивниот приоритет е внатрешна реконструкција на ЕУ: појасна поделба на надлежностите, посилна улога на националните парламенти и поголема контрола на државите врз клучните политики.
За земјите кандидати ова може да има две можни последици. Од една страна, новиот пристап би можел да создаде поголем простор за флексибилни модели на интеграција, каде што членството нема да значи целосно политичко приближување кон централизирана Европа.
Од друга страна, ако приоритет стане внатрешната реформа на ЕУ, проширувањето може да биде одложено бидејќи европските лидери ќе сакаат прво да ги решат сопствените институционални проблеми.
Германија традиционално беше еден од најважните поддржувачи на европската перспектива на Западен Балкан. Берлин гледаше на проширувањето како на инструмент за стабилност, демократизација и економско поврзување на регионот со Европа. Но доколку политичката тежина на суверенистичките сили продолжи да расте, германскиот пристап кон Балканот може да стане поусловен и повнимателен. Тоа не значи автоматско напуштање на политиката на проширување, но значи дека идните аргументи за членство ќе мора да бидат уште посилно поврзани со прашањата на безбедноста, економската корист и за стратешкиот интерес на самата Европа.
Македонска дилема: Европска интеграција или чекање на новата Европа?
Македонија се наоѓа во специфична позиција. Земјата со години вложува политички напори за приближување кон ЕУ, но процесот е оптоварен со билатерални спорови, внатрешни реформи и замор кај граѓаните од долгото чекање. Во новата европска реалност, најголемиот предизвик ќе биде да се избегне впечатокот дека проширувањето е само административен процес без политичка волја. Доколку Европа стане повеќе суверенистичка, македонскиот аргумент за членство ќе мора да се гради не само врз европските вредности туку и врз конкретниот придонес што земјата може да го даде во стабилноста, безбедноста и во економската поврзаност на континентот.
Новата Европа ќе бара нова стратегија од кандидатите
Досегашниот модел на евроинтеграции се темелеше на формулата: кандидатите спроведуваат реформи, а Унијата постепено ги прима. Но иднината може да донесе посложена равенка. Земјите кандидати ќе мора да разберат дека не се приближуваат само кон постојна ЕУ туку кон Унија што самата се менува. За Македонија тоа значи дека европската политика ќе мора да биде посериозна, подолгорочна и ослободена од краткорочни партиски пресметки. Во Европа што се преобликува, најдобро ќе поминат оние држави што ќе знаат јасно да го дефинираат својот национален интерес!
Македонија меѓу старата надеж и новата европска реалност
Суверенистичкиот бран не мора да значи затворање на европските врати. Но тоа со сигурност значи дека Европа во која Македонија сака да се интегрира веќе нема да биде истата онаа Европа што ја замислувавме пред две децении. Пред нас може да стои Унија со посилни национални држави, поголема политичка дебата за границите на бриселската моќ и ново разбирање на европското единство.
Затоа прашањето за Македонија не е само кога ќе стане членка на ЕУ туку и во каква Европска Унија ќе влезе. Ако ние го знаеме одговорот на тоа прашање, тогаш ќе знаеме точно да ја одредиме и идната стратегија на земјата!
Од редакциски агол
Македонија мора да го дочека новиот бран со исправен ’рбет
Во вителот на „европскиот ресет“
- Кога Европа се преиспитува, и Македонија мора да престане да се откажува од себе
Европа се менува. Политичкиот ветер што со години дуваше од Брисел, Берлин и од Париз веќе не е истиот. Либералниот консензус, кој долго време изгледаше како единствена можна иднина, денес се соочува со најсериозниот предизвик од своето создавање.
Расте незадоволството од моделот во кој граѓаните чувствуваат дека националните држави губат дел од својот суверенитет, дека традиционалните вредности се потиснуваат, а политичките одлуки се оддалечуваат од демократската волја на народите.
Во таква Европа, Македонија не смее повторно да биде само објект на туѓи политички пресметки. Ако континентот влегува во период на преиспитување, тогаш и ние мораме да го преиспитаме сопствениот пат.
Две децении отстапки – а каде е европската награда?
Македонската политика последните децении се водеше од една голема стратешка цел: членство во Европската Унија. За таа цел беа направени големи политички отстапки, често со образложение дека станува збор за „европски пат“ и „инвестиција во иднината“.
Но денес сè погласно се поставува прашањето: Дали европската перспектива беше условена само од реформите или беше искористена и како инструмент за промена на чувствителни прашања поврзани со идентитетот, историјата и националното самоперципирање?
Од оваа временска дистанца, сега е многу видливо дека со доскорешниот пристап на претходната владејачка структура, Македонија, во обидот да ги исполни очекувањата на дел од европските партнери, се отворила создавајќи простор за унилатерално отстапување од сопствените симболи, историски наративи и од институционален идентитет. А најболниот дел од оваа равенка е што, и покрај направените отстапки, членството сè уште останува далечна цел.
Лекцијата од новата Европа: државите без самодоверба немаат силна позиција
Новиот суверенистички бран во Европа испраќа една порака: државите повторно ја бараат својата политичка тежина и ние мора да го препознаеме овој тренд.
Суверенизмот не мора да значи изолација. Тој може да значи враќање на идејата дека европската соработка треба да се гради меѓу држави што се почитуваат меѓусебно, а не меѓу силни и слаби политички субјекти. Токму тука Македонија мора да ја извлече својата лекција. Европската интеграција не може да биде процес во кој една држава постојано докажува дека е подготвена да се откаже од делови од сопственото политичко и културно наследство за да добие место на масата. Рамноправноста мора да биде основа, а не награда што се добива по бесконечен процес на докажување.
Restitutio in integrum: Враќање на политичката и идентитетската Рамнотежа
Пред Македонија стои потребата за сериозна национална и политичка реевалуација. Идејата за restitutio in integrum – враќање во поранешната состојба – во овој контекст значи не само барање за обновување на самодовербата, достоинството и политичката автономија, иако од тоа прво треба да се започне во процесот на реституцијата.
Но тоа во својата заднина носи нешто многу пошироко и подлабоко. Државата мора кога-тогаш повторно да ги преиспита одлуките што ги смета за наметнати под силен меѓународен притисок и дека прашањата поврзани со името, симболите и националниот идентитет треба да се разгледуваат низ принципите на самоопределување и меѓународна рамноправност. Само држава што има јасна свест за себе може да гради здраво партнерство со другите.
Нов Брисел – Европа што ги брани своите темели
Македонија има интерес од членство во Европската Унија. Но Европа во која сакаме да влеземе не смее да биде Европа на двојни стандарди. Потребен е Брисел, кој повторно ќе се потпира на основачките принципи на европскиот проект: мир, слобода, демократија, владеење на правото и еднаквост меѓу народите. Европската идеја не е создадена за да ги избрише националните различности, туку за да живеат тие различности во заеднички политички простор. Ако новиот суверенистички бран донесе реформа на Унијата во таа насока, Македонија треба да биде подготвена да учествува во таква Европа – како партнер, а не како држава што постојано бара дозвола за сопственото постоење.
Македонија мора да го фати бранот, но со разум и стратегија
Историјата ретко им дава втора шанса на државите да ги преиспитаат големите политички одлуки. Европа денес се менува. Старите формули се распаѓаат, а новите допрва се создаваат. Македонија не смее да го дочека тој процес без јасна визија. Не со конфронтација со Европа, туку со обновено чувство за сопствените интереси. Најголемата опасност не е да се биде дел од Европа. Најголемата опасност е да се влезе во Европа без јасна свест кој си. Новата Европа ќе бара самоуверени држави. Време е Македонија да биде една од нив.
Автор: Доне Прентоски


































