Американските „седум величествени“ веќе не ја влечат напред берзата на САД
- Терминот „седумте величествени“ не е официјален берзански индекс, туку назив што го користат финансиските аналитичари за седумте најголеми
американски технолошки компании според пазарната капитализација и нивното влијание врз индексите. Нивната тежина е огромна. Само овие
седум компании учествуваат со приближно една третина од вкупната вредност на индексот „ес енд пи 500“, кој ги опфаќа најголемите американски корпорации. Тоа значи дека секое нивно движење директно влијае врз милиони пензиски фондови, инвестициски фондови и индивидуални инвеститори низ светот
Четири години американската берза имаше јасен мотор на растот. Тоа беше групата компании што аналитичарите ја нарекоа „седумте величествени“. Во неа се вклучени „Енвидија“, „Епл“, „Мајкрософт“, „Амазон“, „Алфабет“, „Мета“ и „Тесла“ – корпорации што не само што ги обликуваа глобалните технолошки трендови туку станаа и најважниот двигател на вредноста на индексот „ес енд пи 500“ и на целата американска берза. Но, годинава, во 2026-та, нешто носи неочекуван пресврт. За првпат по долг период, овие гиганти повеќе не се главните носители на берзанскиот раст. Нивниот индекс стагнира, додека остатокот од пазарот бележи подобри резултати. За инвеститорите, кои веќе се изјаснија во јавноста за ова, појавата не претставува само краткорочна промена туку сигнал дека американскиот капитален пазар влегува во нова фаза.
Што всушност претставуваат „седумте величествени“?
Терминот „седумте величествени“ не е официјален берзански индекс, туку назив што го користат финансиските аналитичари за седумте најголеми американски технолошки компании според пазарната капитализација и нивното влијание врз индексите. Нивната тежина е огромна. Само овие седум компании учествуваат со приближно една третина од вкупната вредност на индексот „ес енд пи 500“, кој ги опфаќа најголемите американски корпорации. Тоа значи дека секое нивно движење директно влијае врз милиони пензиски фондови, инвестициски фондови и индивидуални инвеститори низ светот. Во последните години тие беа вистински синоним за американската економска моќ. Благодарение на експлозијата на вештачката интелигенција, услугите во облак, дигиталното рекламирање и електричните возила, нивните акции бележеа драматичен раст, а со нив растеше и целата берза.
Зошто инвеститорите го менуваат фокусот?
Парадоксално, причината повторно е – вештачката интелигенција! Додека досега најголемите добивки ги остваруваа компаниите што развиваат софтвер и дигитални платформи, инвеститорите сега се насочуваат кон фирмите што ја градат инфраструктурата на новата технолошка револуција, односно кон производителите на полуспроводници и специјализирани чипови. Вештачката интелигенција бара огромни компјутерски капацитети, а без современи процесори и чипови тие системи едноставно не можат да функционираат. Затоа капиталот постепено се прелева кон компаниите што ја обезбедуваат оваа технолошка основа наместо кон фирмите што досега беа најголемите добитници. Со други зборови, инвеститорите повеќе не инвестираат само во крајните производи туку и во „лопатите и копачите на дигиталната златна треска“.
Зошто ова е важно за целата американска економија?
Кога компаниите што имаат третина од вредноста на „ес енд пи 500“ ќе престанат да растат, тоа автоматски создава притисок врз целата берза. Доколку аналитичарите се во право и индексот „ес енд пи 500“ треба да продолжи да расте до крајот на годината, тогаш товарот ќе мора да го преземат другите речиси петстотини компании во индексот. Тоа е значајна промена во структурата на пазарот. Од една страна, ова може да биде позитивен сигнал. Наместо растот да зависи од мал број технолошки гиганти, поголем број компании од различни индустрии добиваат можност да придонесуваат кон вкупниот напредок. Таквата поширока распределба на растот обично се смета за поздрав модел за една економија. Од друга страна, останува прашањето дали другите компании имаат доволно финансиска сила за да го надоместат забавувањето на технолошките лидери.
Дали ова е крај на доминацијата?
Одреден број аналитичари и не веруваат дека „седумте величествени“ трајно ја губат својата позиција. Напротив, многумина оценуваат дека станува збор за период на консолидација по неколку години исклучително силен раст. Вреднувањата на овие компании постепено стануваат попривлечни, што би можело повторно да привлече капитал. Покрај тоа, токму овие корпорации располагаат со најголемите финансиски ресурси за понатамошен развој на вештачката интелигенција. Тие инвестираат десетици милијарди долари во нови дата-центри, чипови, услуги во облак и развој на сопствени модели на генеративна интелигенција. Затоа е тешко да се замисли дека нивната улога ќе стане маргинална. Поверојатно е дека берзата влегува во период во кој лидерството ќе биде поделено меѓу повеќе сектори, а не концентрирано само во неколку технолошки гиганти.
Пораките од инвеститорите
Промените околу „седумте величествени“ испраќаат важна порака. Ниту најголемите компании во светот не можат бесконечно да бидат единствени двигатели на пазарот. Берзата постојано бара нови извори на раст, а капиталот секогаш се движи таму каде што очекува поголем принос. За инвеститорите тоа значи дека времето на речиси автоматско инвестирање само во најголемите технолошки акции можеби завршува. Во иднина ќе бидат потребни поголема селективност, подобра диверзификација и внимателно следење на секторите што создаваат реална вредност. Слабеењето на „седумте величествени“ не мора да значи слабеење на американската економија. Напротив, ако растот почне да доаѓа од поширок круг компании, тоа може да биде знак дека американскиот корпоративен сектор станува поизбалансиран и поотпорен. Но доколку ниту технолошките гиганти, ниту остатокот од пазарот не успеат да го задржат сегашното темпо, тогаш Волстрит би можел да се соочи со многу понеизвесен период од оној на кој инвеститорите беа навикнати во изминатите години. Е.Р.
Од редакциски агол
Не се менуваат само лидерите на Волстрит туку и логиката на инвестирањето
Во светот на капиталот, најважните промени речиси никогаш не почнуваат со драматичен пад на берзите. Тие почнуваат тивко, односно кога инвеститорите незабележливо ќе почнат да веруваат во друга приказна. Токму тоа се случува деновиве на Волстрит.
По неколку години во кои седумте најголеми американски технолошки компании беа речиси единствената адреса за капиталот, вниманието почнува да се префрла кон сосема поинакви играчи. Не затоа што „седумте величествени“ станале слаби компании, туку затоа што пазарот веќе размислува за следната фаза од технолошката револуција. Ова е суштинската разлика што често останува незабележана.
Во првата етапа инвеститорите купуваа компании што ја претставуваа иднината. Во втората, тие инвестираат во компаниите што ја градат таа иднина. Историјата на финансиските пазари покажува дека секоја голема технолошка револуција има свои победници во различни фази. На почетокот најмногу профитираат оние што ја претвораат новата технологија во атрактивен производ. Подоцна, капиталот неизбежно се пренасочува кон производителите на инфраструктурата без која таа технологија не може да функционира. Токму затоа денес не е во прашање дали вештачката интелигенција ќе продолжи да доминира, туку кој најмногу ќе заработува од нејзиниот развој. Пазарот, очигледно, почнува да верува дека вистинската вредност повеќе не е само во апликациите и платформите, туку во чиповите, дата-центрите, енергетските капацитети и целокупната дигитална инфраструктура. Ова е важна лекција и за инвеститорите. Најголемата грешка е да се претпостави дека вчерашните победници автоматски ќе бидат и утрешни лидери. На берзата нема трајни шампиони. Има само компании што во одреден момент најдобро ги препознаваат новите извори на профит.
Оттука, стагнацијата на „седумте величествени“ не треба да се толкува како нивен пад. Таа е, пред сè, показател дека пазарот повторно ја прави онаа работа по која е препознатлив: Однапред ги пресметува идните добивки! Така функционира капитализмот. Капиталот секогаш се движи не кон она што денес е најголемо, туку кон она што утре би можело да стане уште поважно. Затоа денешните случувања на Волстрит можеби се повеќе од обична ротација на капиталот. Можно е да сведочиме на промена на самата логика на инвестирањето. Наместо да се наградуваат најголемите имиња, сè повеќе се вреднуваат оние што ги создаваат темелите на следниот економски циклус. А тоа е порака што ја надминува американската берза. Таа покажува дека во современата економија вредноста сè помалку произлегува од големината, а сè повеќе од позицијата што една компанија ја има во синџирот на идниот технолошки развој. Волстрит, како и многупати досега, повторно нè потсетува дека низ призмата на капиталот секогаш ќе се гледа слика каде што главниот збор го имаат – парите!

































