Премиерот Христијан Мицкоски денеска од собраниската говорница порача дека функциите не се привилегија, туку одговорност и средство за служба на граѓаните, нагласувајќи дека реконструкцијата на Владата е дел од принципот на отчетност и резултати, пренесе МИА.
Обраќајќи се на 112. седница на Собранието, на која се расправа за разрешување и избор на нови членови на Владата, Мицкоски истакна дека министрите кои заминуваат заслужуваат благодарност за сработеното и дека реконструкцијата не треба да се сфати како неуспех, туку како продолжување на процесот за подобри резултати.
-Од првиот ден која ја преземавме одговорноста кажав дека оваа Влада нема да биде Влада на комфор туку Влада на резултати. Нема да биде Влада во која функциите ќе се сметаат за стекнато право, туку за обврска што секој ден повторно мора да се заслужува. Тоа не беше политички слоган, тоа беше принцип. Денес покажуваме дека тој принцип важи подеднакво за сите – рече Мицкоски.
Тој потенцираше дека сите министри кои се предлагаат за разрешување ја извршувале функцијата чесно и одговорно, нагласувајќи дека нивниот придонес останува дел од резултатите на Владата.
Посебно им се заблагодари на министрите Зоран Љутков, Цветан Трипуновски, Игор Филков, Азир Алиу и Фатмир Лимани, осврнувајќи се на постигнатите резултати во нивните ресори. За Министерството за култура, рече дека буџетот е значително зголемен, исплатени се наследени долгови и културата повторно станала државен приоритет.
За земјоделството посочи дека се исплатени повеќе од 15 милијарди денари директна финансиска поддршка и дека Владата повторно станала партнер на земјоделците.
-Од јули 2024-та до денес се исплатени повеќе од 15 милијарди денари директна финансиска поддршка. Ставивме крај на праксата земјоделците со месеци, па и повеќе од година дена да чекаат… Но најважно е што владата повторно станува партнер на земјоделецот – наведе Мицкоски.
Осврнувајќи се на работата на Министерството за правда, премиерот истакна дека за две години биле подготвени 33 реформски законски решенија, оценувајќи дека реформите во правосудството се клучни за враќање на довербата во институциите.
Во обраќањето упати критики кон опозицијата, оценувајќи дека Владата наследила нарушени институции, ослабени јавни финансии, закочени проекти и изгубена доверба кај граѓаните.
-Ние не сме овде за да го менуваме минатото. Ние сме овде да не дозволиме тоа да ни се повтори никогаш повеќе – рече Мицкоски.
Тој нагласи дека актуелната Влада работи на стабилизирање на економијата, зајакнување на институциите и инвестиции во повеќе области, оценувајќи дека граѓаните треба да судат според резултатите, а не според политичките пораки.
Во рамки на реконструкцијата, Собранието треба да ги разреши министрите Игор Филков, Иван Стоилковиќ, Златко Перински, Азир Алиу, Цветан Трипуновски, Фатмир Лимани и Зоран Љутков, како и министерот без ресор Шабан Салиу, а на нивно место да ги избере Јетон Шасивари, Агон Ферати, Сашо Клековски, Борче Серафимовски, Ѓоко Велковски, Седат Сулејмани и Ерџан Демир. Стоилковиќ е предложен да ја преземе функцијата министер за локална самоуправа.
Според Деловникот на Собранието, расправата за разрешување член на Владата може да трае најмногу два дена, а новите министри се избираат со мнозинство од вкупниот број пратеници.



































