Стотројка го објави „Дома“, најновиот албум (EP) на Тодор Караколев, пејач песнописец и продуцент што создава композиции со силен емотивен набој и луцидна лирика, движејќи се лесно и непредвидливо меѓу различни стилови на електронската музика.
Како што пишува Џо Јанглав од Канал 103, „Дома“ отвора простор во кој се преплетуваат кошмарни и фантазмагорични визии. По инструменталната „103“, која упатува кон едно посебно „дома“ за многумина, следуваат насловната тема и „Сеедно“, две композиции со минималистички текстови, испеани речиси како мантри. Желбата да се напушти метежот и да се најде засолниште постепено се претвора во тивко олеснување. Со внимателно обликувана електронска продукција, изданието истовремено носи немир и смиреност.
Придружното видео за „103“ е дело на Дамјан Цветков Димитров, поранешен соработник на Канал 103, кој денес живее и работи во САД. Создадено од 3Д-скенирање на студиото на Стотројка, тоа има речиси архивски карактер, сведоштво за еден простор, чие значење одамна ги надминало неговите ѕидови.
Музиката е во комплетно авторство на Тодор Караколев, мастерингот го изработи Алекс Плант, додека омотот е дело на аниматорот и визуелен уметник Кристијан Савиќ.
Изданието е достапно за слушање и преземање на бандкамп-страницата на Стотројка:https://stotrojka.bandcamp.com/album/—9


































