Документарниот филм „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска испиша нова страница во историјата на македонската кинематографија, со две номинации за 78. награди „Еми“, најпрестижните награди во светската телевизиска индустрија. Ова е првпат македонски филм да биде номиниран за наградите „Еми“, со што успехот на „Силјан“ добива историско значење не само за Македонија туку и за документарниот филм во регионот.
Филмот е номиниран во категоријата Исклучителна вредност во документарното филмско творештво (Exceptional Merit in Documentary Filmmaking), една од најзначајните документарни категории на наградите „Еми“, која препознава дела со исклучителна авторска, уметничка и општествена вредност.
Втората номинација е во категоријата Извонредна кинематографија за неиграна, односно документарна програма (Outstanding Cinematography for a Nonfiction Program), признание за визуелната моќ на филмот и за кинематографијата на Жан Дакар, која ја претвора интимната приказна за човекот, природата и преживувањето во силно филмско искуство.
Со овие две номинации, „Приказната за Силјан“ продолжува да го носи македонскиот документарен филм на светската мапа, од големите фестивалски подиуми до една од најпрестижните награди во телевизиската индустрија.
Свеченото доделување на 78. награди „Еми“ ќе се одржи на 14 септември оваа година во театарот „Пикок“ во Лос Анџелес, додека наградите во креативните категории ќе бидат доделени на 5 и 6 септември.